Македонија
21. јуни 2017 - 16:16

Груевски вечерва на средба со Доналд Туск, утре со Могерини

Во неговата изјава по двете средби вечерва, Груевски истакна дека единствена цел во разговорите и неговата псоета на Брисел е да се најде начин да и се помогне на Македонија да го забрза својот од кон евро-атлантските интеграции.          

- Најпрво се сретнав со господинот Мекалистер, кој е и потпретседател на Европската народна партија и член на Европарламентот, а потоа и со претседателот на Евросоветот, Доналд Туск. Со двајцата разговарав во правец на тоа да и се помогне на Македонија, да се прнесат информациите од Македонија, односно што е она што се случува и што се очекува да се случува и како може Македонија и понатаму да напредува. Она што ми беше главната поента на мојата дискусија беше дека Македонија предолго го чека членството во ЕУ, а дека тоа ни е одамна заслужено. Досега се направени повеќе бранови на реформи. Секогаш ќе има и нови бранови на реформи, па еве сега следува нов бран, а по некое време ќе има нов итн. Тоа е така насекаде и во секоја земја. Но, предолго се чека за членство во Европската унија, а се разбира и во НАТО - посочи Груевски.

Поранешниот македонски премиер, вели дека на Мекалистер и Туск им порачал дека Македонија треба да почне да преговара за членство во ЕУ, а не да се говори за некакво одмрзнување на препораки. Тој и на двајцата свои соговорници им ја презентирал и актуелната политичка состојба во Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и што следува во иднина.

- Укажав дека е време да се најде начин да и се помогне на Македонија да ги почне преговорите. Не да говориме за одмрзнување на препораки и слично, туку за почеток преговорите, отворање на поглавја и завршување на тие преговори, што ќе заврши со членство на Македонија во Европската унија. Од тој аспект, јас укажав дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во македонскиот парламент да дадеме поддршка за се што ќе процениме дека ќе биде од корист за граѓаните и за државата. Нормално е дека како опозиција и ќе го критикуваме тоа што ќе дојде, а што ќе сметаме дека можеби не е најдобро срочено и обмислено. Но, и на двете средби, како со Мекалситер, така и со Туск, главниот акцент го поставив на иднината на Македонија и на што е можно побрзото членство во Европската унија - завршува Никола Груевски.

Освен со оваа висока европска двојка, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе оствари средба и со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Сепак, централен настан од дводневната посета на поранешниот премиер на Република Македонија на Брисел е утрешниот Самит на Европската народна партија (ЕПП), најбројната пратеничка група во Европарламентот, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ