Македонија
22. October 2017 - 16:30

Груевски: Власта бега од одбележување на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

 Покажавме како се работи со програма - да се осмисли, да се дебатира, да се прашаат луѓето, да се издвојат најважните приоритети согласно можностите и на крајот да се реализира тоа што ќе се вети, но и многу повеќе од тоа кога ќе дојдат тешки времиња, како тука со Стајковци, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски денеска на средби со жителите на селото Стајковци.

- Помогнавме колку што можевме, тоа се гледа и ќе продолжи да се гледа со активностите кои се планираат за во иднина. Она што е карактеристично за СДСМ е дека немаат програма и затоа на избори зборуваат за воздух, за ветер и магла, вели Груевски.

Тој посочи дека во првиот круг од изборите се видело како СДСМ организира избори, според него, со притисоци, поткупи, со заплашувања и уцени, за вели, да не излегуваат на гласање, да се пасивизираат.

Обвини дека откако СДСМ се на власт криминалците биле пуштени на слобода, а патриотите во затвор, додека настаните од 27 април биле  намерно испровоцирани. 

- Не може така. Токму затоа побаравме да прекине прогонот врз луѓето кои беа испровоцирани на 27 април. Овие луѓе треба да се ослободат и ние ќе направиме се во рамки на институциите тоа да се случи, вели Груевски.

Според него, власта прави спектакли насекаде, додека паѓала економијата, индустриското производство и извозот, а се пониска била и прогнозата за економскиот раст. Оцени и дека власта бега од одбележување на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога е формирано ВМРО и оти по укинувањето на наградата која секоја година се доделуваше сега, вели, размислуваат да го укинат празникот.

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ Тони Трајковски рече дека во неговата програма се содржани 471 проект и изрази уверување дека тие ќе бидат реализирани бидејќи Советот на општината во идниот мандат ќе биде предводен со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери. Еден од првите проекти кои ќе биде донесен после изборите, додаде, е на граѓаните да им се вратат парите доколку сами се приклучиле кон фекалната канализација.