Македонија
31. December 2015 - 12:54

Груевски: Зачленувањето во ЕУ и НАТО остануваат приоритети

Напорите за членство во ЕУ и НАТО продолжуваат, а предизвик останува и мигрантската криза, како и имплементацијата на Рамковниот договор, порачува премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање. 

- Нашите напори Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО, ќе продолжат и во 2016-та, вклучувајки ги и напорите да се изнајде решение, кое ќе овозможи деблокада од нашиот јужен сосед. Мигрантската криза во 2016-та ќе продолжи да биде сериозен предизвик и на неа ќе треба да останеме фокусирани. Односите помеѓу различните етнички заедници и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, исто така, ќе бидат во приоритетите, бидејќи соживотот претставува клучен фактор за нашиот напредок, вели премиерот Груевски.

Тој оценува дека ни претстои напорна и тешка работа во претстојната година која, уверува, ќе доведе до напредок. 

- Не чека година кога многу работи ќе станат појасни, а Македонија ќе мора да излезе од заложништвото и да застане гордо и достоинствено на патот кон напредокот. Ќе биде тешко, не велам дека сите проблеми ќе ги решиме, но гарантирам дека ќе работиме повеќе, со цело срце и подобро од кој било друг, ќе одиме напред!, порачува претседателот на Владата Никола Груевски.