Македонија
9. December 2016 - 20:18

Груевски: Завршува кампањата, доаѓа победата


Завршува кампањата, доаѓа победата. Многу мудро, стамено и достоинствено народот ги издржа овие две и пол години малтретирање од СДСМ и нивните сценаристи. Во недела громогласно ќе излезе и ќе ја поддржи нашата коалиција и уште еднаш ќе покаже дека овде, во Република Македонија, одлучува народот и никој друг, порача Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во Крушево на претпоследниот митинг на Коалицијата „За подобра Македонија“.

Рече дека нема да дозволат Македонија да тргне во правец во кој сака Зоран Заев и неговите сценаристи. Се  уште не научија, рече Груевски, дека со добра и чесна програма, а не со измами и служење на разни служби се доаѓа на власт.

- Нашиот народ ќе го казни СДСМ во недела додека не ја научи лекцијата да си го почитува сопствениот народ. Видовме каков човек е Зоран Заев, човек кој ветува, а не држи до дадениот збор. Тој е 11,5 години властродржец во Струмица, а не успеа ниту една крупна инвестиција да донесе во неговата општина, а не пак во другите општини, како што ветува. Таков измамник не и треба на Македонија што си ги лаже своите граѓани. Тој внесува гнев и го закрвува народот наместо да им ги решава проблемите. Сакаат да ни го растурат соживотот што постои тука со векови. Заедно делиме и добро и лошо и не ни треба некој однадвор да ни ја редефинира државата и да ни го наруши соживотот, рече Груевски. 

Посочи дека невработеноста од 38,7 проценти ја намалиле на 23,4 и за разлика од 560.000 вработени во 2006 денес се  728.000 или 168.000 новоотворени работни места според денешните податоци на Статистика. Рече дека континуирано има два тренда - нагорен раст на просечната плата и надолен тренд на невработеноста и дека во  четиригодишниот нов мандат ќе има нови 70.000 работни места и сведување на невработеноста меѓу 17 и 18 отсто. 

Се осврна на проектите кои ги реализирале во изминатата деценија во инфраструктурата, образованието, здравството, земјоделството, ветувајќи дека тие ќе продолжат и во наредниот мандат кога ќе ги зголемат и пензиите, платите, социјалната помош. Ќе ги реализираат, рече, проектите Рурални развојни зони, Капка по капка, Купи куќа за млади и новиот проект Купи куќа за над 36 години. 

Во однос на Крушево соопшти дека од 2006 до 2016 биле отворени скоро 500 работни места, доделени се 8,5 милиони евра субвенции за земјоделците во Крушевско во последните пет години, изградени се и реконструирани патишта што водат кон оваа општина, уредени се паркови, плоштади, инвестирано е во осветлување и опремување на ски-центарот, изграден е Музеј за Тоше Проески со над 250.000 посетители досега, реконструкција на Музејот на Илинденското востание, обнова на фасади од староградска архитектура. 

Најави дека во индустриска зона Опалени во март идната година грчка компанија ќе инвестира 4 милиони евра во компанија за преработка на тутун, која ќе вработи 300 лица, а ќе се инвестира и во компанија  за   масло од канабис. Ќе се реконструира регионалниот пат Кривогаштани - Крушево со 1,3 милиони евра, целосна реконструкција на патот Норово - Алдиници од три километри,  довршување на изградбата на водоснабдителен систем за Крушево со дополнителни извори, веројатно од Бушова Планина, за да се надмине проблемот со водоснабдувањето во оваа општина.  

Најави и магистрален гасовод од Прилеп до Крушево во должина од 27 километри во вредност од 7,5 милиони евра, отворање две нови градинки во Крушево и Бучин, дневен центар за деца со пречки во развој,  монтажно училиште, игралишта, спортска сала, фитнес-зона, реконструкција на Македониумот...  За сето тоа, рече Груевски, треба масовен одѕив в недела и поддршка за нивната коалиција. 

Носителот на листата за пратеници во Петтата изборна единица Антонио Милошоски рече дека во 1903-та во Крушево биле удрени темелите на Република Македонија, а во 2016 година во Крушево, рече тој, ќе ја одбраниме самостојна, независна и унитарна Република Македонија.

- Ние сме на вистинската страна, Крушево е на победниката страна... Бидете сигурни, сплотени и единствени, пред нас се само уште два дена. Има една голема разлика - кога СДСМ е на власт, мисли само на себе, а ВМРО-ДПМНЕ - на државата и на народот. Така ќе  продолжиме и натаму. Немаме резервна татковина, оваа сакаме да напредува, истакна Милошоски.

На митингот беа претставени кандидатите за пратеници од општина Крушево и од Изборната единица 5 и се обратија претставници од партии партнери во коалицијата „За подобра Македонија“ -  Мите Костов од Партија на Власите и Јован Лазарев од Социјалистичката партија на Македонија