Балкан
25. February 2019 - 19:53

Харадинај: Косово нема да даде територија во замена за признавање

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија „одредени кругови во Приштина и Брисел“ го претворија во дијалог за територии, но порача дека „Косово нема да даде ниту педа земја во замена за признавање.

Харадинај на денешната комеморација по повод 29-годишнината од убиството на косовскиот политички емигрант во Белгија, Енвер Хадри, се осврна и на таксата од 100 отсто што неговата Влада ја воведе на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека токму таа такса „го попречува формализирањето на поделбата на Косово“.

– Денес, 20 години по ослободувањето, кога влеговме во втората деценија од независноста, дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија се пренасочи од одредени кругови во Приштина и Брисел, претворајќи се во дијалог за територии. Затоа денес ни треба примерот на нашиот херој Енвер Хадри, за да не ни се повтори историјата, изјави Харадинај.

Енвер Хадри беше политички активист во дијаспората, кој се залагаше за решавање на косовското прашање со отцепување од тогашна Југославија и припојување кон Албанија. На денешен ден во 1990 година, на 49-годишна возраст, беше убиен со огнено оружје во Брисел, додека чекаше во својот автомобил да се запали зелено светло на семафорот во центарот на градот. Се утврди дека атентатот го извршиле платеници на југословенските тајни служби, Србите Веселин Вукотиќ, Андриа Лакониќ и Дарко Ашанин.

Еден месец по атентатот, Лакониќ беше убиен од Вукотиќ во дискотека во Белград. Ашанин беше уапсен во Грција во 1995 година и беше екстрадиран во Србија, каде што истата година беше убиен, додека Вукотиќ во 2006 година беше уапсен во Шпанија и екстрадиран во Белгија, од каде, по околу три години поминати во затвор, во декември 2008 година им беше предаден на српските власти.