Македонија
8. November 2019 - 22:37

Хаварија во ОХИС, неподнослива миризба се шири во околината

Припадниците на Армијата ја исчистија високо токсичната течност од ОХИС. Шест тони вода со опасни материи се излеала во кругот на фабриката, при што неподнослива миризба го гушеше локалното население. Според надлежните, станува збор за вода со која се чистел резервоар во кој бил складиран метил акрилат мономер. Поради пукнат вентил, водата се излеала во бетонски заштитен базен.

Армиските припадници излегле на терен по наредба на Генералштабот, а по барање на МВР. Единицита за атомска, биолошка и хемиска одбрана е специјализирана за вакви ситуации. За случајот бил информиран и претседателот Пендаровски.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат и дека правниот субјект, компанијата Еко Центар 97, која го чисти хемискиот отпад, била задолжена да работи цела ноќ на терен за да се преточи целата излеана течност. Соодведно да се спакува за потоа да се извезе во Швајцарија, каде хемискиот отпад треба да се согори.

Хаваријата во ОХИС се случила минатата ноќ, но поради временските прилики, односно дождот и ниските температури миризбата не се почувствувала до денеска на пладне. Случајот бил пријавен од страна на жителите од околните населени мести. Се пожалиле на неподнослива смрдеа.

За невладините организации симптоматично што целата хаварија била пријавена од страна на граѓани.

Прашање до сите надлежни, особено до Државниот инспекторат на животна средина: Зошто фирмата Екоцентар 97 не пријавила согласно протоколот по кој требало да постапува во случај на хаварија?, прашуваат од О2 Иницијатива.

Метил акрилат мономер е високо токсична материја која може да предизвика гребење на грлото, штипење на очите, но и гушење. Експертите советуваат жителите од околината да носат заштитни маски. Неофицијално, мештани побарале и лекарска помош неколку часа по најсилниот бран на миризбата.

Хемискиот оптад кој компанијата го чисти во ОХИС е стар повеќе од 20 години.