Бизнис
1. November 2019 - 16:58

ХЕ „Шпилје“ за пет децении на македонскиот електроенергетски систем му испорачaла 13.603 гвч електрична енергија

Во изминатите пет децении Хидроелектраната „Шпилје“ потврди дека претставува значаен извор на електрична енергија во македонскиот електро-енергетски систем, со испорачаните 13.603 гигават часови електрична енергија.

Оваа оценка ја даде во своето обраќање Сашо Коркут, директор на хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“, на денешната свеченост по повод одбележувањето на јубилејот, педесет години од почетокот со работа и произведените први киловат часови електрична енергија во „Шпилје“.

-Истрагите за изградба на овој објект започнале во 50-ите години од минатиот век за да конечно се започне со изградба во пролетта 1964 па се до пуштањето во погон на 4 ноември 1969 година. Лоцирана е во непосредна близина на македонско – албанската граница, на оддалеченост од пет километри од Дебар, во месноста Шпилје, низводно од составот на реките Црн Дрим и Радика, додаде тој.

Коркут направи пресек на фирмите кои учествувале во проектирањето и изградбата на објектот и опремувањето, извршените реконструкци на примарната опрема и објектите, како и инсталирањето интегриран систем (OVATION) за управување, контрола, заштита и мерење.

-Гордоста на ХЕ Шпилје и повеќе генерации вработени се произведените 13.603 гигават часови електрична енергија. Средното годишно производство е 275 гвч, а максимално годишно прозводство е забележано во 2010 година, кога беа прозведени 519 гвч. Денес, за разлика од почетоците пред 50 години, со повеќе од 100 вработени и со солидна кадровска екипираност, ХЕ „Шпилје“ може самостојно да го реализира процесот на работа со минимална зависност од надворешни компании, додаде Коркут.

ХЕ „Шпилје“ е дел од подружницата Хидроенергетски систем „Црн Дрим“ заедно со ХЕ „Глобочица“, кој во вкупното прозводство на хидроенергија во ЕЕС надржавата учествува со повеќе од 40 отсто.

-Хидроелектраната Шпилје е прибранска – акумулациска електрана со инсталирана моќност од 84 мегавати. Машинската зграда се наоѓа околу 70 метри од низводната ножица на браната. Во зградата се сместени три агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, поставени на кота 485,75 метри надморска висина, како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Има акумулација со волумен 506.000.000 кубни метри вода и корисен волумен од 218.000.000 кубни метри вода. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 метри, а минималното е 560 метри, рече Коркут.

Додаде дека од досегашното работно искуство и оперативните работни режими ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“ во споредба со останатите ХЕ во државата се со највисок просечен годишен дотек на вода, во однос на инсталираниот проток. Тоа покажува дека оставаруваат голем број работни часови во годината, односно поголемиот период работат како базни хидроелектрани.

-Нов предизвик на инженерскиот кадар на ХЕС „Црн Дрим“, во соработка со повеќе научни и други релевантни институции, и визија за иднината на работењето на ХЕ „Шпилје“ и ХЕ „Глобочица“ е нивната надградба со уште по еден агрегат заради максимална искористеност како базни ХЕ и зголемување на можноста за генерирање системски услуги, посочи Коркут.

На свеченоста на која прсиствуваа поранешни и актуелни работници, претставници на институции и други гости, генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачески и дриекторот на „Шпилје“, Џеладин Имероски откако им го честитаа јубилејот и посакаа уште многу успешни одбележувања доделија благодарници и награди. Благодарници им врачија на петмина вработени исто толку награди, на пензионирани работници, меѓу нив и на првиот директор на електраната и на проектантот.