Македонија
23. October 2020 - 16:11

Хоти не прецизира дали ќе се воведат ПЦР тестови за влез во Косово

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска во Скопје не прецизираше дали ќе се воведат ПЦР тестови за македонските граѓани по зголемувањето на бројот на заболени од Ковид-19.

На новинарско прашање по заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Хоти порача мерките што се преземаат, да не се гледаат како ограничувачки, туку како мерки за спречување на вирусот.

–  Министрите за здравство на двете држави работат заеднички. Косово сега е во подобра состојба отколку претходно, додека овде во Скопје почна да расте бројот на заболени. Мерките што ги преземаме, треба да се подразберат како мерки за спречување на вирусот, а не како ограничувачки мерки, рече Хоти.

Во однос на неодамнешната изјава на првиот човек на Обединетите нации Антонио Гутереш дека косовскиот претседател Тачи и лидерот на Деморатската партија Кадри Вејсели ја попречуваат работата на Специјалниот суд за воени злосторства, косовскиот премиер рече дека многупати досега како држава покажале решителност целосно да се почитуваат одлуките на правните органи.