Македонија
18. February 2021 - 12:30

Хуманите штипјани му овозможија на семејството Манасиеви зимата да ја мине во топол дом

Преку хумана акција до нов топол дом. Хуманите граѓани и помалите фирми од градот му овозможија на штипското семејство Манасиеви да имаат пристојно место за живеење. Елена Манасиева е 28-годишна мајка на три малолетни деца, едното на 4, второто на 3-годишна возраст и две месечно бебе. Вели дека, во старата куќа немале никакви услови, а посебно во зимскиот период.

- Условите беа катастрофа и најмалку кога врнеше дожд или снег, течеше од сите страни, во ходникот, немаше купатило, мораа децата надвор да одат во тоалет. Надвор ги бањав или во корито кога надвор беше ептен студено, значи катастрофа. Буквално беше како во шупа да живеевме, изјави Еелена Манасиева.

Семејството егзистира со 7.000 денари социјална помош. Лани, поради глад и несоодветните услови за домување им починало едно дете пред да наполни една година. 

- Немаше доволно храна, а и поради тоа што беше ладно, се разболе, беше болно една недела и почина, додаде Манасиева.

За проблемот на семејствтото хуманитарецот Александар Георгиев дознал преку фејсбук објава. Веднаш ги контактирал и ја започнал акцијата за собирање средства. За неполн месец успеале целосно да ја реновираат куќата и ентериерно да ја уредат со нови елементи.

- Горд сум на штипјани, горд сум на тие мајстори што доаѓаа и 25 дена хуманитарно работеа. Горд сум што постојат такви луѓе. Морам да потенцирам дека имаше велешка група мајстори кои 20 дена доаѓаа со своето возило и работеа хуманитарно на фасадата, изјави Александар Георгиев, хуманитарец.

За разлика од граѓаните и помалите фирми, Георгиев не е задоволен од големите компании во градот, од кои наишол на игнорантски однос.

- Еден не се сети, да се јави, да се вклучи во хуманитарната акција, каде што живеат 3 малолетни деца и се борат за живот. Тоа за мене е неприфатливо, додаде Георгиев.

Георгиев додаде дека вакви семејства во градот има повеќе и веќе планира да започне нов проект.