Ракомет
18. May 2016 - 16:02

И официјално промовиран новиот ракометен селектор

Лино Червар во средата официјално беше промовиран во нов селектор на машката сениорска репрезентација. Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, на прес-конференцијата објави дека со трофејниот тренер е договорена четиригодишна соработка. Червар, покрај селекторската функција во сениорската репрезентација, ќе биде и координатор на работата на сите останати машки селекции на Македонија.
 
„Големо задоволство за мене како претседател е што за селектор ќе имаме човек кој е олимписки и светски првак и човек кој многу придонесе за развојот на ракометот во Македонија. Нашата визија и стратегија е со Лино Червар да работиме на долги патеки, идејата е да работиме заедно минимум четири години. Тоа не се однесува само на А селекцијата, туку очекуваме Червар да ја координира работата на сите машки селекции на Македонија“, рече на промоцијата на новиот селектор првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.
 
Лино Червар, долгогодишниот тренер на Металург, освојувач на златен олимписки и светски медал со репрезентацијата на Хрватска, на кормилото на репрезентацијата доаѓа на местото на својот сонародник Ивица Обрван, кој со Македонија не успеа да избори пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.
 
„Сите ме прашуваат зошто сега се решив да ја преземам Македонија, во најлошиот момент кога најголемиот сон Рио де Жанеиро не се оствари. Јас сакам сега кога е најтешко заедно со РФМ, со играчите и соработниците, со сите оние во чие срце е ракометот да ја продолжиме македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас. Паралелно со овие цели мораме заеднички да работиме на натамошното развивање на македонскиот ракомет. Да водиш репрезентација на една држава е голема чест и одговорност, затоа што ракометот ја претставува и државата Македонија. Исто така, да играш за својата татковина претставува најголем спортски успех и признание“, рече на Червар.
 
Првата задача којашто стои пред новиот селектор е јунскиот бараж со селекцијата на Чешка, преку кој треба да се обезбеди пласман на Светското првенство во Франција, наредната година.
 
Червар најави дека во пресрет на јунскиот бараж нема премногу да експериментира со составот, ќе играат оние кои неколку години наназад ја носеле играта на националниот тим. Подготвен е да разговара со сите и рече дека на сите кои сакаат да играат за Македонија вратите на репрезентацијата им се отворени. 
 
„Сите кои сакаат да играат за Македонија од моја страна вратите им се отворени, но кога ќе дојдат во репрезентацијата на прво место е репрезентацијата на Македонија, а потоа поединецот. Јас ќе сторам се да створиме тим, тоа е предуслов за добри резултати.  
Во овој момент пред баражот со Чешка најголем противник ни е времето. За тие две средби нема многу да менуваме, најважно ќе биде да створиме добра хемија внатре во тимот. Екипата доживеа шок не се пласира во Рио, тоа е тешка задача за секој селектор, но јас се надевам дека со помош на играчите ќе се пласираме во Франција“, дополни новиот македонски селектор.
 
Инаку, на Червар во работата со репрезентацијата ќе му помага екс-селекторот Илија Темелковски.
 
„Драго ми е што Илија Темелковски веднаш прифати да биде мој помошник. Не е тој без причина тука, јас него многу го почитувам, тој е македонска легенда. Мислам дека тукму тој требаше да биде со нас за овие две важни средби, да успееме да се пласираме на СП“.