Фудбал
30. October 2017 - 12:26

И покрај успехот Муслин замина од српската репрезентација

Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) денеска ќе го раскине договорот со селекторот Славољуб Муслин, со кого репрезентацијата по пауза од осум години успеа да обезбеди настап на едно големо натпреварување.
 
Весниците „Спортски журнал“ и „Вечерње новости“ во своите денешни изданија пишуваат дека договорот на селекторот завршил со крајот на квалификацискиот циклус и дека истиот автоматски е продолжен до крајот на Мундијалот во Русија, но дека селекторот по тричасовниот состанок со претседателот на ФСС, Славиша Кокеза, заминал за Франција без намера повторно да седне на иста маса со Кокеза.
 
„Доколку му одговара предлогот на ФСС за раскин на договорот, тогаш тој ќе го потпише истиот, но доколку не се согласува со финансискиот дел, тогаш тој ќе чека ФСС да му врачи отказ и да му исплати сè она што му следува според договорот до завршувањето на СП во 2018 година“, пишуваат „Новости“.
 
Неофицијално, челниците на ФСС најмногу замерики имале на неубедливата игра на репрезентацијата на последните три квалификациски натпревари, како и на наповикувањето на младите играчи пред сите на Сергеј Милинковиќ-Савиќ.
 
Српската јавност од пред две недели шпекулира со името на наследникот на Муслин. Најпрвин се споменуваше името на Драган Стојковиќ-Пикси, но тој нема намера да го напушта кинескиот Гвангжу.
 
Откако Пикси отпадна, Србите во комбинација ги имаат Словакот Владимир Вајс, на кого му истече договорот со Грузија, и Љубиша Тумбаковиќ, кој е актуелен селектор на Црна Гора.