Свет
29. September 2024 - 12:59

ИДФ: Во нападот во Бејрут убиен уште еден командант на Хезболах, Набил Каук

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека уште еден висок функционер на Хезболах, командантот Набил Каук, бил убиен во синоќешниот воздушен напад врз Бејрут.

Каук бил убиен во напад на воен авион во предградието Дахије, познато упориште на Хезболах, според Тајмс оф Израел.

Тој бил командант на „превентивната безбедносна единица“ на Хезболах и висок член на Централниот совет на либанската група, се вели во соопштението на ИДФ.

Каук бил близок до раководството на Хезболах и бил „директно вклучен во организирање терористички напади против државата Израел и нејзините граѓани, вклучително и нападите во изминатите неколку дена“, се додава во соопштението на израелската војска.

Како што е објаснето, Каук му се придружил на Хезболах во 1980-тите и бил заменик-лидер, а подоцна и водач на јужниот либански огранок на групата.

Бил и член на Извршниот совет, како и заменик претседател на тоа тело на Хезболах.

Хезболах сè уште не ја потврдиле смртта на Каук, но поддржувачите на групата од вчера објавуваат пораки во жалост за неговата смрт, според Ројтерс.