Македонија
27. February 2025 - 16:43

ИЈЗ: Годинава има најмногу болни од грип – наредниот период се очекува намалување на активноста на вирусот

По двонеделен пад, повторно пораст на бројот на болни од грип. Според извештајот на ИЈЗ минатата недела регистрирани се 3035 заболени. Најзафатени од вирусот се децата. Најмногу грипозни евидентирани се во Скопје, Куманово и Битола. Пријавен е и еден смртен случај на Клиниката за пулмологија. Починатото лице било на 78 годишна возраст невакцинирано, и со хронични заболувања. 

- Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период, изјави д-р Драган Кочински, епидемиолог и раководител на Одделот за епидемиологија во ИЈЗ.

Според анализата на ИЈЗ годинава имаме пријавено повеќе од 17.000 болни од грип најмногу болни од грип споредено со лани и последните 14 сезони.

- Тоа се должи пред се на некои на мутации на вирусот, имаме различни сезони. Тоа на што апелираме уште од почетокот на сезоната, е, почитување на општите мерки на превенција за респираторни заболувања воопшто, каде припаѓа и грипот. Избегнување контакт со заболени лица, избегнување простории каде што има голем број лица, често проветрување на просториите каде што се престојува, слоевито облекување, топло во ладните зимски денови и консумирање свежи продукти богати со витамини и минерали - овошје и зеленчук. Кога би се појавиле симптоми, тогаш да се избегнува контакт со други луѓе, да не ги доведуваат во ризик, да се остане дома, да се пијат многу течности и секако, доколку се чувствува влошување на симптомите, веднаш да се контактира матичен лекар или инфектолог, рече д-р Кочински.

Годинава и матичните алармираа за зголемен број на болни од грип во нивните ординации. Карактеристично сезонава според лекарите  е што вирусот кај дел од пациентите имал поагресивни и подолготрајни симптоми меѓу кои кашлица која трае со недели.