Бизнис
2. February 2017 - 12:47

Илјада невработени млади на пракса во приватни компании

Илјада невработени млади на возраст до 29 години ќе добијат можност за пракса и вработување во приватниот сектор, со огласот што го објави денеска Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ).

Програмата за практиканство ќе се реализира со финансиска поддршка од ИПА проектот „Поддршка за вработување на млади“, како трет директен грант за АВРМ, со цел да се овозможи полесна интеграција на пазарот на трудот на младите. За таа мерка  годинава се предвидени 18.915.000 денари.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски ги повика компаниите  кои имаат потреба од млад кадар да аплицираат, да ги оспособат за работа кандидатите, а по обуката да ги вработат.

Младите до 29 години кои сакаат да ја искористат мерката  за практиканство треба да имаат најмалку средно образование. Ќе можат да се стекнат со прво работно искуство во согласност со нивното образование, како и со конкретни знаења и вештини преку учество на тримесечна практична работа кај приватни работодавачи или невладини организации. Ќе добиваат месечен надомест од 6.200 денари со кои би можеле да ги покријат патните трошоци.

- Ги повикувам младите да се пријават на оваа програма, да учествуваат и на крајот да добијат можност да се вработат во компанијата каде биле на пракса или во слична компанија која ќе ги побара по практичната работа, рече Поповски на прес-конференција.

Преку програмата за практиканство на  АВРМ од 2009 година досега се опфатени 3.157 лица, од кои 1.882 добиле вработување, односно 60 проценти.

Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка при делегацијата на ЕУ во Македонија, порача дека  помошта за вработување на младите е  активност што треба да се поддржи.

- Вработувањето е прва и најважна активност за младите и треба да им дадеме можност, потенцира Бертолини.  

ИПА проектот „Поддршка за вработување на млади“ почна да се спроведува од декември минатата година. Вкупниот буџет за проектот што ќе се имплементира 12 месеци изнесува 1.456,721 евро. Целта е полесно интегрирање на младите лица преку развивање на нивните знаења и вештини. Очекувањата се дека во проектот ќе бидат вклучени 3.790 лица во некои од планираните обуки.