Македонија
10. May 2016 - 12:05

Има ли крај на нестручноста на Катица Јанева?

 
Имено, според соопштението на судот, специјалното јавно обвинителство, иако знаело дека кон барањето треба да има и мислење од јавниот правобранител, кој всушност е државниот адвокат што го штити државниот имот, сепак го поднела барањето.
 
-Судот, пак, не може да одлучува по ваквото барање бидејќи и во согласност со Законот за кривичната постапка барањето за обезбедување имот во кривична постапка го прави оштетената страна, а во овој случај државата претставена од јавниот правобранител. Ова според правните експерти не само што ги поткопува законитоста и стручноста во постапувањето на СЈО и на Јанева туку отвора и дилеми дали Јанева намерно поднесува фалични барања до судот и тактизира со нивното објавување во јавност. Прашавме во специјалното јавно обвинителство зошто воопшто поднеле вакво барање кога знаеле дека судот не може да одлучува по него, ниту ќе се постигне ефектот на замрзнување на имотот на осомничените, но одговор не добивме, објавува ДНЕВНИК.
 
Според соопштението на судот од петокот, Јанева поднела барање за замрзнување на имотот на две физички лица и четири фирми поврзани со случајот „Транспортер“, но судот по поднесеното барање увидел дека не се исполнети одредбите од ЗКП и побарал од Јанева предлогот да биде дооформен со потребните документи и мислења во рок од осум дена и тоа така што СЈО да достави барање од оштетен спрема трето лице во согласност со законската одредба.
 
„По ваквото барање, СЈО во предвидениот рок го извести судот дека врз основа на наведениот член како државен орган има обврска да бара заштита на имотно-правно барање на Република Македонија, а дека јавниот правобранител е повикан од страна на СЈО да се произнесе на 28.4.2016 година, па го извести судот дека по произнесувањето на јавниот правобранител, ќе го доуреди предлогот во смисла на чл.120, ст.1 од ЗКП, што до денес не е сторено“, стоеше во соопштението на судот.
 
Во членот 120 од ЗКП стои „ако оштетениот има барање спрема трето лице затоа што кај него се наоѓаат предметите прибавени со кривичното дело или затоа што поради кривичното дело тоа дошло до имотна корист, судот во кривичната постапка, по предлог од овластените лица од членот 111, став (1) на овој закон, може според одредбите што важат за извршувањето да определи привремени мерки за обезбедување и спрема тоа трето лице“.
 
Тоа би значело дека СЈО може да поднесе барање за привремена мерка за обезбедување барање спрема трето лице, но за тоа мора да има согласност, т.е. барање од јавниот правобранител бидејќи во „Транспортер“ Јанева тврди дека е сторена штета на државниот и на локалниот буџет. Дека требало да има барање од правобранителот за да може да се побара замрзнување на имотот, знаела и самата Јанева, што се гледа од првичниот одговор до судот. Имено, од СЈО потврдиле дека уште на 28 април му се јавиле на правобранителот, но и покрај тоа што сж уште немале добиено мислење од него, сепак поднеле фалично барање до судот, иако било јасно дека на него не може да се одговори.
 
Долга листа на нестручност
 
Ова не е прв стручен пропуст, намерен или случаен, кој доаѓа од обвинителството на Јанева. Всушност, се работи за последен во низата пропусти што почнаа, прво, со неодземањето на снимките што ги поседуваше Зоран Заев, потоа со несоставувањето записник при нивното примопредавање, па со бркањето на двете обвинителки од СЈО без никаков документ, игнорирањето на поканата за отчет за сработеното пред Собранието на РМ и Советот на јавните обвинители, известување за неповедување кривична постапка наместо решение на Виктор Цветковски од ГРОМ за тоа што бил прислушуван итн.
 
Јанева тврдеше дека има докази за закани кон Крпач, но ниту пријави, ниту достави докази
 
Меѓу објавите во медиумите, беше и соопштението дадено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, во кое истакнува дека, цитираме: „Воедно Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач… “
 
Основното јавно обвинителство – Скопје испрати барања до повеќе институции, меѓу нив и до тоа обвинителство, во кое се бараше да му се достават сите податоци и документација на која во изјавата тоа обвинителство алудираше, односно да ги достават сите докази за релевантни факти, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач.
 
-Неопходно е да истакнеме дека од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите не е доставен ниту еден доказ ниту пак било каква релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек, објавија од ЈО.
 
Иако тврдеше дека има докази за закани кон Крпач, сепак Јанева до МВР не пријави вакво нешто, што дополнително фрла сомнеж и се отвора прашањето што крие Катица Јанева?