Македонија
14. јуни 2017 - 13:29

Империјал тобако ТКС со инвестиција од 1,9 милиони евра ќе го зголеми извозот

Со инвестиција од 1,9 милиони евра Империал тобако Тутунски комбинат Скопје ја зголемува конкурентноста на компанијата, производството и извозот.

Според менаџментот, новата линија во фабриката во Скопје за таканаречени миди слимс или квин сајз пакувањата ја зголемува конкурентноста на компанијата согласно светските трендови. Линијата, која денеска беше претставена, ги задоволува најновите европски стандарди и паралелно  со зголемувањето на производниот капацитет, се отвораат можности за раст на извозот на пазарите на Европската Унија, но и надвор од неа.

Империал Тобако ТКС е најголемиот производител на пазарот во Македонија. Од производството, кое ќе се зголеми за 15 проценти, извезува над 40 проценти, а сега со новата линија се очекува извозот да надмине 45 проценти. Главно извозот оди во Русија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија.

Во 2016 година компанијата откупила околу 2 илјади тони квалитетен македонски тутун, додека во 2017 се планира зголемување на откупените количества за околу 9 отсто.

Во Македонија, пак, како што беше кажано, со инвестицијата се зголемува потенцијалот за развој на деловната соработка на компанијата со сите субјекти во синџирот на тутунската индустрија, од производителите на тутун, до дистрибутерите и продажбата.

- „Империал Тобако во 15-те години свое присуство во Македонија е докажан долгорочен партнер на македонската економија и на нејзиниот развој. За да се постигнат, пак, максимални резултати на тој развој, неопходни се долгорочна предвидливост на регулативата и фер, изедначен однос кон сите легални субјекти на пазарот, рече Пиа Барборич Јурјашевич, претседателка на Управниот одбор на Империал Тобако за Адриатик регионот, додавајќи дека со најновата инвестиција, компанијата покажува дека економијата може да смета на неа и во иднина, во остварувањето на политиките за засилен развој.

Директорот на фабриката во Скопје Никола Коларовски истакна дека новата производна линија е единствена од ваков вид во Македонија и  втора со такви перформанси во целата групација на Империал Тобако.

- Со инсталирањето на новата линија токму во Скопје се покажува дека македонската фабрика има стратешка улога во Империал Тобако и дека долгорочно се планира и инвестира во нејзиниот развој. Но, истовремено, тоа е потврда за знаењето, професионалноста и квалитетот на сите наши вработени, истакна Коларовски.

Ова вложување доаѓа во годината кога Империал Тобако одбележува 15 години од влезот во Македонија и со него вкупните инвестиции достигнуваат околу 35 милиони евра.