Балкан
15. November 2016 - 10:32

Иницијатива на ВВФ за заштита на националниот парк „Пирин“

Светската организација за заштита на природата (ВВФ) покрена иницијатива за зачувување на Националниот парк „Пирин", се вели во соопштение на Организацијата.

- Повод за тој потег е новиот план за управување со паркот, што предвидува нови градби и сеча на дрвја на 60 отсто од територијата. Ваков каков што е предложен, документот не соодветствува со целта на создавањето на самиот национален парк - заштита на природата, посочува Организацијата во соопштението.

Како што јави БТА, ВВФ оценува дека предложениот план за уредување на „Пирин“ предвидува изградба на две нови ски патеки и проширување на постојната.

- Доколку биде реализиран овој план, тоа би значело прекршување на нормите на Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), кои Бугарија се обврза да ги почитува, истакна Веселина Кавркова, претставничка на ВВФ за Бугарија.