Бизнис
28. July 2017 - 13:00

Иницијатива за вклучување на приватниот сектор во давањето социјални услуги

Приватниот сектор да се вклучи во давањето социјални услуги и да се изготви законска регулатива што ќе ја регулира оваа дејност, предвидува Иницијативата  за воведување на моделот на социјални договори на СОС Детското село Македонија и УНИЦЕФ.

Иницијативата се реализира од 2014 година, а денеска беа официјално презентирани документите кои произлегоа од неа по што и беа предадени на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

- Со оваа Иницијатива се стремевме кон надградба и подобрување на националното законодавство. Се надеваме дека сите решенија, не само што ќе бидат прифатени, туку ќе бидат и искористени, имплементирани. Тоа значи дека државата ќе има законски регулирана можност да ангажира приватни даватели на социјални услуги што ќе придонесе за повисок квалитет на услугите, поширока палета услуги и нивна поголема достапност до крајните корисници, истакна националниот директор на СОС Детско село Јулијана Гапо.

Според неа, со моделот на социјални договори јасно се разграничени обврските на засегнатите страни. Институциите ќе си ја задржат одговорноста за финансирање на услугите, ќе создаваат законска рамка за лиценцирање и регистрација на даватели на социјални услуги, ќе ги утврдуваат критериумите за квалитет, ќе ги следат резултатите и ќе реагираат кога ќе има потреба, ќе одлучуваат кој ги исполнува условите за давање вакви услуги и кој ќе ги обезбедува.

- Анализата покажа дека влијанието и придобивките од моделот на социјални договори во Македонија ќе бидат големи и позитивни, нагласи Гапо.

Министерската Царовска ја поздрави Иницијативата, подвлекувајќи дека доаѓа во вистински момент, кога Министерството е исправено пред предизвикот да спроведе суштински реформи.

- Системот на социјална заштита треба да добие слика соодветна за 21 век и да ги следи меѓународните трендови. Во однос на социјалните услуги колку и какви финансиски средства треба да се трансферираат кон граѓаните кои се материјално необезбедени или се во друг социјален ризик, анализите покажуваат дека Македонија испорачува финансиски средства и одредени социјални услуги се нудат, но конечниот ефект некаде се губи некаде по патот, рече Царовска. 

Таа најави не само донесување нова законска регулатива, туку и нејзино имплементирање во пракса. 

- Реформите ќе базираат на две клучни работи: социјалните трансфери кон граѓаните ќе бидат групирани и ќе се достигне ниво кое ќе дава ефект за извлекување од сиромаштија, како и регулирање на сите социјални услуги, потенцира министерката.

Според претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, социјалните договори се една од мерките за квалитетна помош на социјално загрозените категории граѓани, но може да претставуваат и вид ризик ако недоследно се спроведат.

- Процесот воопшто не е едноставен. Можна е еднострана корист, само за оној што го склучил договорот. Затоа, при имплементацијата, треба да бидеме многу внимателни, рече Перкс.

Додаде дека предизвиците, според истражувањата, се огромни. Околу 30 отсто од децата, како што рече, живеат во сиромаштија, има деца со попречености, деца кои се соочуваат со домашно насилство,... - Тоа е лошата вест, но добра вест е дека ако работиме заедно, можеме многу да ја подобриме ваквата реалност. Првиот начин е градење промена на очекувањата од заедницата најранливи граѓани, зајакнување на услугите и иновации кои ќе им помогнат на оние кои имаат проблеми. Токму социјалните договори се пример за таква иновација, посочи претставникот на УНИЦЕФ.

Заеднички беше заклучокот дека Владата треба да ги гарантира човековите права, да биде партнер и да работи заедно со цивилниот сектор и секогаш да обезбеди квалитетни социјални услуги.