Македонија
25. November 2022 - 16:37

Инспекција во гевгелиската градинка - Како 10 месечно бебе се здобило со повреди на главата

Десетмесечното бебе од гевгелиската градинка  се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца,  а директорката постапила согласно одредбите од Законот за заштита на децата.

Ова е заклучокот од вонредниот инспекциски надзор кој беше извршен во установата по вчерашните обвинувања  од ВМРО ДПМНЕ дека  во градинката во Гевгелија се прикрива брутален напад врз дете. Обвинувањата на опозициската партија за министерството за труд и социјална политика биле ширење на страв и манипулации и злоупотреба на деца во политички цели.

„Од страна на инспекторите на терен, а согласно дадените изјави на негувателките во групата на деца каде што е посочен немилиот настан,  детето се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца. Гребнатините веднаш биле санирани од негувателките, а детето продолжило со вообичаените активности, како и сите деца во групата. Мајката била известена за настанот при преземањето на детето од установата, со оглед на проценката на негувателките од нивната досегашна пракса дека се работи само за гребнатинки. 

Директорката на Јавната општинска установа за деца - детска градинка „Детска Радост“ -Гевгелија, поднела предлог за поведување на дисциплинска постапка против негувателките и донела Решение за формирање на комисија за утврдување на повреда на работната дисциплина,, информираа од МТСП.

Од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека институциите прво со молк сакале да го прикријат случајот, а сега со наводни комисии купувале време и го релативизирале истиот. Бараат оставки и одговорност и од министерката Тренчовска и од директорката на градинката.

Повредите кај десетмесечното бебе настанале во вторникот додека престојувало во градинка.  По настанот тоа било примено во гевгелиската болница каде се констатирани лесни повреди. Вчера родителот на детето ја известил и полицијата и пријавил дека вработените во градинката ја запоставиле нивната должност и ја оставиле неговата ќерка без надзор.