Македонија
28. February 2018 - 13:08

Инспектор од АХВ казнет за несовесно постапување

В.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов денеска соопшти дека е казнет пријавениот инспектор кој несовесно и непрофесионално постапувал при контрола во угостителски објект.

Според Атанасов, инспекторот е казнет со 20 отсто од една месечна плата и e преместен да работи на граничен премин.

-Инспекцискиот совет не ја прифати претставката за инспекторот, но јас го казнив и сметам дека казната е соодветна во однос на прекршокот, истакна Атанасов.

Според Законот за вршење инспекциски надзор, како што објасни директорот, евентуалното прифаќање на претставката од страна на Советот ќе значело одземање на лиценцата за работа, што, пак, подразбира и губење на работното место.

Атанасов на средба со новинарите информира за повеќе тековни активности на АХВ. Меѓу другото, рече дека од утре почнува со работа системот за брзо информирање за небезбедна храна, храна за животни и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Наскоро почнува и пописот на копитари (коњи, магариња, мулиња и мазги), а во април годинава Македонија ќе биде пилот земја заедно со БиХ, Србија и Хрватска, за креирање процедури за справување со шап и лигавка.

АХВ до Владата достави и тригодишна стратегија за благосостојба на животните со која се дефинирани четири приоритети: намалување на бројот на кучињата скитници, благосостојба на животните при транспорт и колење, посебно на јагниња, како и благосостојба на кокошките несилки.

Директорот Атанасов се пофали и дека Светската организација за здравствена заштита на животните го прифатила македонскиот план за справување со класична свинска чума. Планот ќе биде земен како урнек од страна на Организацијата и ќе може, врз основа на него, и други земји да го користат и да ги креираат своите планови за борба против оваа болест.