Бизнис
29. May 2020 - 16:47

Инспекторите разочарани од угостителските објекти, угостителите разочарани од небулозните протоколи

Угостителите и гостите се однесуваат како во времето пред да биде прогласена пандемија. Пазарните инспектори разочарани од она што вчера го виделе на терен. Тврдат дека голем дел од угостителите не ги почитувале мерките за заштита и се однесувале недолично, а гостите играле по маси. Најавија засилени контроли и казнувања. Уште еднаш посочија дека угостителите се тие кои треба да ги легитимираат гостите и да утврдат дали се од исто семејство. 

Угостителите пак контра инспекторатот. Велат денот поминал релативно мирен, без поголеми гужви и со одредени неправилности. Многу од угостителите не отвориле, затоа што дел се уште се подготвуваат, а дел немаат летни тераси. Тврдат дека тие немаат овластувања да бараат лични карти од гостите.

По два месеци неработење угостителите од вчера ги отворија вратите за гостите. Според протоколот на една маса може да седат четворица од едно семејство, а ако не се само по двајца. Масите треба да се поставени на одредено растојание, а персоналот и гостите да носат заштитна опрема и да се врши постојано дезинфекција.