Институциите немоќни да се справат со еден ученик, третоодделенецот испразни цело училиште
Институционалната немоќ да се најде решение за еден проблематичен ученик испразни цело училиште. Во ОУ Лазо Ангеловски денеска немаше настава. Наместо да одговараат за оценки пред полугодие, учениците се принудени да останат дома. Одлуката за бојкот едногласно ја донесе родителскиот совет. Наставниците кои ги сретнавме не сакаа да коментираат зошто денеска немале кому да предаваат.
- Во еден момент звукот на училишното ѕвонче одекна од празните училници. 1500 ученици од ОУ Лазо Ангеловски не беа на настава. Директорката и денеска недостапна за коментар.
Министерката сметаше дека овој случај бил непотребно многу експониран во јавноста. Јаневска вчера рече дека МОН не е надлежно да постапува во случајот, но веќе денеска се вклучи и ги повика сите засегнати страни.
На иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на МОН, БРО, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани.
- Проблемот постои веќе три години, во одделението на ученикот со насилно поведение останале само 13 дечиња. Сите други биле принудени да се префрлат во други училишта. Си заминале и двете наставнички. Секојдневно булинг трпеле и учениците од другите класови кои со страв одат на училиште вели претставникот на родителскиот совет.
Се обиделе многупати проблемот да го решат локално, но во ниту еден случај не наишле на соработка од родителите на ученикот, а ниту од државните институции. Случајот ескалирал пред два дена кога и покрај сите реакции детето било вратено на настава.
Утрово на оградата од училиштето осамнаа транспаренти кои потоа беа отстранети. На нив пишуваше- Издржи мали со тебе сме! – Малиот тука ќе учи!!!
Кој ги поставил, дали станува збор за поддршка или закана институциите треба да одговорат. Каков ефект ќе има врз учениците кои секојдневно минуваат по детската улица е проблем со кој ќе треба институциите да се справуваат. Бојкот имаше и во центарското училиште 11 Октомври поради обидот ученикот таму да биде префлен.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар