Македонија
2. October 2022 - 16:32

Институциите се разбудија по сторијата за Зулфија и Дашурија, хумани граѓани нудат сместување во приватен дом

Социјалните служби се заинтересираа за двете слепи и неподвижни сестри. По сторијата на Сител стручни лица од Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Скопје ги посетиле Зулфија и Дашурија Ахмети кои живеат во една соба во близина на Драчево. Во МЦСР отвориле предмет за случајот и ги разгледуваат опциите кои ги има државата за да им помогнат. Директорот на Центарот вели дека веќе исконтактирале со надлежните од скопскиот Црвен Крст за да им се обезбедат личен асистент кој ќе се грижи за нив како и пакети храна, лекови средства за хигиена.

- Како директор на оваа институција сметам дека личната асистенција е најдобрата опција за сестрите. Со личната асистенција цело време ќе имаат негувател од нашите провајдери, особено од Црвен Крст кои се едни од најдобрите во државата исто така во другиот период од денот внуците и браќата ќе се грижат за нив и така ќе се чувствуваат активни во општеството и ќе се чувствуваат дека некој се грижи за нив, изјави Љиридон Бафтији, директор на Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи – Скопје.

Од Центарот за социјални работи исконтактирале и со ПИОМ за да може 60 годишната Зулфија да стане корисник на инвалидска пензија, бидејќи има 22 годишен работен стаж, а од раѓање е лице со оштетен вид.

На двете сестри им била понудена и опцијата во најскоро време да бидат згрижени во Геронтолошкиот завод, но тие одбивале.

По сторијата за помош се јавија голем број хумани луѓе, дел од нив кои сакаат да останат анонимни се понудија сестрите да бидат сместени во приватен дом за стари лица, а тие ќе ги покривале трошоците одреден временски период.