Македонија
22. October 2021 - 20:22

Интересот кај штипјани за трета доза вакцина се зголемува

Редица, во главно повозрасни граѓани, чекаат да примат трета доза или бустер вакцина во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Интересот кај штипјани е повидлив последните 3 дена и постојано се зголемува, во споредба со околу 50 граѓани дневно кои се пријавуваат да примаат прва доза на вакцина. 

Бројот секојдневно расте. Првиот ден имавме 70, па 300 и денес очекуваме над 400 граѓани кои се заинтерсирани да ја примаат третата доза- изјави Д-р Дијана Коцева - Миланова, одговорна за ковид вакцинација во Штип. 

Најголемиот дел од пријавените, се вакцинирале со прва и втора доза вакцини од кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, а сега примаат вакцина од „Фајзер“.

За вакцинација се чека помеѓу 10 и 20 минути, а за да им излезат во пресрет на граѓаните, лекарите планираат од понеделник во истата зграда да најдат соодветен простор.

Просторно ќе се преадаптираме за да прифатиме поголем број граѓани, со цел да не се создаваат гужви, додаде Коцева - Миланова.

Пред влезот во вакциналниот пункт, се пополнува формулар за согласност, а на оние кои не можат да го сторат тоа, им помагаат здравствените работници.