Македонија
8. November 2019 - 14:42

Исчистена депонијата за градежен отпад во близината на Берово

Општина Берово во соработка со одговорни граѓани, темелно ја исчисти депонијата за градежен отпад во близината на Берово, кај местото викано Црвен Брег, како и теренот околу неа. Депонијата, како што информираа надлежните од Општината, често е предмет на несовесно фрлање отпад и затоа потребата од нејзино чистење беше повеќе од итна.

-Чистата животна средина, е апел кој секојдневно се упатува почнувајќи од екологистите, преку институциите, но најмногу од граѓаните што имаат развиена свест за заштита на природата и просторот, но за жал несовесното фрлање на комунален отпад, се уште е присутно во големи размери. За таа цел спроведовме акција за расчистување на депонијата, која се спроведе во соработка со одговорниот граѓанин Панче Таковски од село Владимирово, истакнаа надлежните.

Со цел да се стави крај на ваквата состојба, надлежните апелираа до граѓаните да ги пријавуваат случаите на несовесно фрлање отпад.

-Сите кои се сведоци на несовесно уништување на животната средина, веднаш делото да го пријават до надлежните служби при Општина Берово, со цел да може навремено да се реагира и превентивно и со санкции. Притоа секоја фотографија од сторителите или какви било документирани информации, кои ќе послужат за ефикасно реагирање и соодветна казна за сторителот ќе ни бидат добредојдени, додадоа од Општината.

Во насока на подигање на јавната свест, Општина Берово , во периодот што следи, ќе ги зајакне контролните механизми и ќе биде немилосрдна кон примената на казнените мерки за нарушување на чистата животна средина.