Македонија
24. February 2020 - 20:53

Искршена новата тројазична табла на Државниот архив во Струмица

Испрскана со бел спреј и искршена, вака вработените во подрачното одделение на државниот архив во Струмица утрово ја затекнале таблата на која стои името на институцијата.

Новата табла била поставена пред една недела, а на неа називот на архивот бил напишан на три јазици, македонски, албански и англиски. Кога точно се случил вандалскиот чин не е познато,  но се претпоставува дека е  за време на викендот бидејќи во петок до завршувањето на работното време таблата била неоштетена.  Никој од оваа институција или пак од соседите од околните куќи  денеска не сакаше за настанот да коментира пред камера.

Раководителот на архивот во Струмица Горан Колевски на средбата со дел од новинарите информираше дека во петок до 16 и 30 часот до кога им трае работното време таблата била во состојба во која што била поставена пред една недела. Денеска кога пристигнале на работа забележале дека истата е ишарана со спреј и искршена. Веднаш ги известиле СВР Струмица кои по пријавата излегле на терен и извршиле увид на местото на настанот, а ги информирал и надлежните во државниот архив.

Инаку искршената табла на архивот во Струмица не е единствениот вандалски чин викендов. Вчера од засега непознат сторител беше искршен дел од урбаната опрема на градскиот плоштад и едно дрво.