Македонија
22. December 2016 - 15:32

Ивaнов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Јапонија, Иран, Мароко и на Буркина Фасо

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Исламската Република Иран, Јапонија, Кралството Мароко и на Буркина Фасо.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Исламската Република Иран за Република Македонија, Хосеин Карими, претседателот Иванов го поздрави позитивниот тренд во односите меѓу двете земји и зголемениот интензитет на соработка којшто се бележи во изминатиот период. - Македонскиот претседател истакна дека подигањето на нивото на политички дијалог помеѓу двете земји треба да придонесе кон искористување на потенцијалите за соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, стои во соопштението.

Амбасадорот Карими, се посочува, истакна дека Иран како влијателна и решавачка сила во осетливиот регион на Блискиот Исток е посебно заинтересирана за унапредување на односите со Балканските земји, особено со Република Македонија. - Во тој контекст, амбасадорот Карими посочи дека силна и вредна основа за проширување на идните односи се блиските политички ставови, јасните економски интереси, силното културно сродство и пријателството на владите на двете земји, се додава во соопштението.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија за Република Македонија, Кијоши Коинума, претседателот Иванов, се наведува, истакна дека двата народа и покрај географската оддалеченост ги поврзува взаемното почитување и пријателство помеѓу двете земји за што говори и постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на Република Македонија по нејзиното осамостојување.

- Според претседателот Иванов, со отворањето на резидентна амбасада на Република Македонија во Токио во 2013 година, како и отворањето на амбасада на Јапонија во Република Македонија на почетокот од следната година, ќе се придонесе кон развојот на меѓусебните односи и збогатување на меѓусебната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Мароко, Закиа Ел Мидауи, посочил дека постои искрена подготвеност за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Кралството Мароко, особено во однос на збогатувањето на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи, како и воспоставувањето на економска соработка.

На средбата по повод предавањето на акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Буркина Фасо, Амаду Дико, македонскиот претседател истакналдека има потреба од унапредување на досегашната скромна соработка  меѓу двете земји. - Во тој контекст, рече претседателот Иванов, значаен чекор за развивање на односите како на билатерален, така и на мултилатерален план е запознавање на потенцијалите за воспоставување соработка во сите сфери од заемен интерес, се наведува во соопштението.

Претседателот Иванов, се додава, на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.