Македонија
11. April 2017 - 18:13

Иванов: Македонија има традиција на почит кон различностите

Не сме имале традиција да толерираме, туку ја имаме изворно традицијата на почит кон различностите. Почитувам за да ме почитуваш. Тоа е многу повозвишена филозофија од толеранцијата. Ние не се толерираме, туку се почитуваме. Во текот на историјата, тука луѓето се почитувале. Затоа успеале да се одржат сите различни идентитети, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на денешната трибина „Мигрантската криза и почитувањето на различноста: суштината на пристојната јавна дебата“.

Како што нагласи Иванов, цел живот ќе се соочуваме со миграции. Затоа треба да ги збогатуваме нашите знаења за другите религии и култури и да комуницираме со нив, а не да се плашиме.

- Да не веруваме на она што продуцира страв. Почитувајќи го другиот, се почитуваш и себе. Ако себе не се почитуваш, како ќе го почитуваш другиот? Тие траги останале во нашиот живот и до денес, потенцира Иванов.

Во своето обраќање во кое се осврна на хуманитарниот и безбедносниот аспект на мигрантската криза, претседателот истакна и дека луѓето ќе треба да се соочат со тоа дека ќе треба да разговараат, да комуницираат и со другиот, различниот, а не само со своите. 

На трибината главен говорник беше д-р Оз Гинис, еден од најбараните социјални коментатори во САД, кој, зборувајќи за актуелната мигрантска и бегалска криза, посочи на потребата од вистинска интеграција на различностите. 

Тој се осврна на три прашања поврзани со мигрантската криза: човековото достоинство, државната безбедност и националниот идентитет.

- Многу земји денес зборуваат за термини како мултикултурализам, политичка коректност,... Сите зборуваат за различноста, но немаат вистинска различност. Имаат слободи за одредени групи, но немаат постигнато вистинска интеграција. Тоа е мечкина услуга за разноликоста, бидејќи доведува само до тензии. Поради тоа, ни треба лидерство, храброст и способност да се комуницира, ни треба национално разбирање за тоа што се правата, што се обврските и што е почитта, подвлече Гинис, кој е чест говорник и водач на семинари на политички и деловни конференции во Европа и во САД, а се има обраќано пред Британскиот парламент, Конгресот на САД и Кинеската академија за општествени науки. 

На трибината учествуваа претставници од надлежните државни, образовни, академски институции, но и невладини организации кои активно работат на полето на меѓурелигискиот дијалог, како и претставници на верските заедници. 

Трибината ја организира Кабинетот на претседателот во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и е дел од иницијативата „Духовни дијалози“ чија цел е придонес за реализирање на целите на Националната стратегија на Република Македонија за Алијансата на цивилизациите, особено во областите на интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог и образованието.