Македонија
6. November 2017 - 14:40

Иванов: Стипендиите „Борис Трајковски“ се инвестиција во мирот и пријателството меѓу македонското и грчкото општество

- Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски” за академската 2017/2018 година, за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација - МБА на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ во Солун.

- Претседателот Борис Трајковски остави неизбришлива трага во современата македонска историја. Како голем лидер, визионер и благороден човек, тој го промовираше мирот и пријателството меѓу луѓето, народите, соседите. Затоа, денеска ми е чест да ги врачам стипендиите што го носат неговото име. И тоа е сосема природно, бидејќи оваа стипендија е инвестиција во мирот и пријателството меѓу македонското и грчкото општество, рече  Иванов на свеченото доделување на стипендиите.

Со стипендиите „Борис Трајковски“, рече претседателот Иванов пред стипендистите, ви се дава одлична можност вашите таленти, знаења и вештини да ги надградите на една престижна образовна институција.

- Повеќе од кога било порано, на Република Македонија и се потребни иновативни и креативни луѓе кои не се плашат да се вклучат во глобалниот натпревар на бизнис идеи и потфати. Уверен сум дека меѓу вас, носителите на стипендиите „Борис Трајковски“ се идните врвни македонски претприемачи и менаџери. Пред вас е успешна кариера, но и одговорност да придонесете кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е и успех на целото македонско општество, истакна Иванов.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, им честиташе на добитниците на овие престижни стипендии, и дополни дека новата Влада ги продолжува стипендиите „Борис Трајковски”, бидејќи дале многу позитивни придонеси и искуства.

Директорот на Сити колеџот, Јоанис Верверидис рече дека програмата на постдипломските студии е создадена за менаџери и други професионалци, чија цел е да ги подобрат своите лидерски и менаџерски способности, и да се здобијат со знаење за современите движења во полето на бизнисот.

- Досега повеќе од 200 луѓе добија стипендии во изминатите години. Тие денес се дел од просперитетна Шефилд заедница во Македонија, која има околу 1000 алумни членови. Горд сум што можам да кажам дека сите имаат голема корист и значително се развија. Тие заземаат многу важни водечки позиции - тие се министри, извршни директори, претприемачи, многу успешни професионалци - кои придонесуваат за развојот на општеството, земјата и регионот, изјави Верверидис.

Стипендиите ги обезбедија Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот Шефилд.