Македонија
22. May 2020 - 16:54

ИВЗ тврди дека власта врши притисок врз имами, полицискиот час нема да ја спречи рамазанската молитва в недела

ИВЗ ќе поднесе кривична пријава против полицијата која вршела притисок врз верски служители а за случајот се пожалиле во владата но и кај сите амбасадори во земјава. Заканите до оџите биле упатени од полицајци во текот на вчерашниот ден откако ИВЗ соопшти дека без разлика дали ќе има полициски час тие ќе одржат намаз за Фитер Бајрам за верниците. Од одборите на џамиите веќе се поднесени изјави а ИВЗ остро реагираше дека на овој начин се кршат основните принципи на секуларна држава.

Полицајци во цивил им вршеле притисок на имами и џамии главно во Скопје и Тетово да не ја одржуваат молитвата во недела.

Верниците кои денеска беа на „џума“  последната петочна молитва пред празникот Рамазан Бајрам велат дека ќе ги почитуваат насоките на властите но голем дел од нив ќе дојдат на молитвата.

Имамот Исмаили на џамијата Иса Бег вели ќе служат намаз за Фитер Бајрам, нему лично не му извршиле притисок но се жалеле негови колеги од џамии во Бутел, Шуто Оризари Карпош и други населби. Намазот ќе трае многу кратко а на верниците им порача да се воздржат од традиционалното одење по гости со баклава.

Од МВР тврдат дека се работи за редовна полициска активност на полицијата за доследно спроведување на мерките на Владата.

Такви превентивни акции секојдневно правиме и пред пазари и молови. Таквата активност беше во насока да им се укаже на верските заедници за препораките и мерките на Владата а не да им се врши притисок, изјави Наќе Чулев технички министер за Внатрешни работи.

За одлуката на ИВЗ и последните случувања Спасовски порачува дека никој не е над државата и Владата нема да потпадне под никакви притисоци.

Од државата нема посилен никој. Ниту верски лидер ниту никој. Воопшто ако некој мисли дека ќе врши притисок ако му паднало на памет тррбс да знае дека притисок не може да изврши. Ако носевме одлуки под притисок требаше да правиме по две седници на ден па сабајле кога ќе се јавеа незадоволни попладне да ги менувавме, изјави Оливер Спасовски технички премиер на Владата.

За случајот со заканите Османи вели дека се работи за некакво недоразбирање.

ИВЗ ги откажа официјалните масовни прослави по повод празникот но упати сет мерки според кои треба да се одржи намазот за Фитер Бајрам.