Македонија
13. August 2019 - 12:00

Изгаснат пожарот кај Железничката станица Куманово

Старите дрвени прагови што гореа вчера во близина на Железничката станица Куманово биле наредени во должина од 50 метри и висина од десет метри, информираа денеска од регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Пожарот што избувна околу 17:30 часот, го гаселе противпожарните возила кои десет пати интервенирале со триесетина пожарникари.

Пожарот бил ставен под контрола во 20:30 часот, со што се оневозможи ширење кон соседни објекти. До 03:45 часот пожарот е изгаснат. Во ноќните часови интервенираа и од Железничката станица со воз со цистерни со вода.

Вчерашниот пожар ги возменири Кумановци поради густиот црн облак кој се гледаше од повеќе локации и непријатниот мирис. И пожарникарите вчера изјавија дека станува збор за дрвени прагови премачкани со битумен што дополнително го отежнуваше гасњето.

Вчера и кумановскиот градоначалник преку социјалните мрежи ги повика граѓаните на смиреност, укажувајќи дека пожарникарите го гасат, но дека станува збор за дрвена сува маса, премачкана со битумен, нагласувајќи дека „несовеност на граѓани носи проблеми со несогледливи последници“.