Македонија
30. July 2020 - 12:36

Изгаснат пожарот во близина на Струмица – интервенираа 25 пожарникари

Големиот пожар што избувна синоќа во општина Василево е ликвидиран. Утрово околу седум часот екипите  на противпожарната единица од Струмица успеале целосно да го изгаснат огнот кој зафати голема површина. Гореше сува трева и ниско стеблеста шума. Точни проценки за опожарената површина за сега нема, но огнените јазици зафатија појас во должина од околу два километри.  Пожарот се појави вчера во атарот на селото Едрениково во близина на месноста Ташли Баир и филтер станицата за вода за регионалниот водовод Василево, Ангелци Градашорци по што се прошири кон соседното село Владевци .

Поради сувиот терен за кратко време огнот се префрли и до магистралниот пат кој води од Струмица  кон Радовиш поради што  во регулирањето на сообраќајот се вклучи и полицијата.  И покрај непристапниот терен пожарникарите навреме интервенираа и не дозволија огнот да ја зафати филтер станицата и една земјоделска аптека која се наоѓала во близина на едно од местата каде се појавил огнот.

Како настанал пожарот за сега никој не знае,  но се претпоставува дека причината е човечки фактор. Градоначалникот на општина  Василево кој цело беше на терен најави дека ќе инсистира на целосно расчистување на случајот и соодветни санкции.

„Штетите од несовесното однесување на поединци ќе ги трпиме сите. Јавната осуда за овој чин не е доволна и затоа ќе инсистирам на целосно расчистување на случајот и соодветна казна за сторителите. Апелирам до сите да се однесуваат крајно одговорно, бидејќи последиците можат да бидат несогледливи не само по имотите на граѓаните туку да бидат загрозени и човечки животи, нешто што никој од нас не сака да се случи“, напиша на својот ФБ профил Марјан Јанев, градоначалникот на Василево.

Во гаснењето на пожарот кое траеше цела ноќ беа вклучени 25 пожарникари со шест возила.