Македонија
17. January 2020 - 15:23

Изложба на нематеријалното културно наследство од Словенија

Изложба на нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на Конвенција на УНЕСКО беше отворена денеска во Музеј на град Неготино. Изложбата која се состои од 27 банери и околу четириесетина предмети, е во соработка со НУ Завод и музеј од Битола и Словенскиот етнографски музеј. Aвтори на изложбата се Ања Јерин и Нена Жидов од Словенскиот Етнографски музеј од Љубљана, кустоси за нематеријално културно наследство.

-Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство од 2003 година има посебно место за Словенија и за Министерството за култура на Република Словенија. Значењето на овој документ ги претставува луѓето-заедници, групи и поединци кои ги пренесуваат своите практики, репрезентации, изрази, знаења и вештини од една генерација на друга и кои како одговор на нивното социјално опкружување и во склад со природата и културата работат креативно, креирајќи го својот идентитет и чувството за припадност. Носителите на нематеријалното културно наследство се единствената гаранција дека нематеријалното културно наследство, кое се изразува со многу емоции, ќе преживее и ќе се прилагоди на современото време, рече Драгица Чекорова, директор на Музејот.

Таа додаде дека повеќе од една деценија работа во областа на нематеријалното културно наследство во рамките на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство од 2003 година, има оставено голем белег во Словенија.

-Луѓето сè повеќе се свесни за значењето на наследството, кое тие го чуваат секој ден, помагаат да се создаде и да се пренесе на помладите генерации. Конвенцијата на УНЕСКО, што е ратификувана од страна на Република Словенија во 2008 година, ги охрабрува политичарите, експертите, истражувачите, ентузијастите и пред сè, носителите на свеста, дека културно наследство е важен дел од идентитетот, заштита на различностите и меѓусебната поврзаност, нагласи Чекорова.

Словенечкиот систем на впишување елементи во националниот регистар на нематеријално културно наследство, кој започнал да се формира во 2008 година, се заснова на соработка меѓу носители, експерти и политички актери.

Овој вид соработка продолжува во подлабока форма во процесот на подготвување и честопати е обележан со различни несогласувања, различни интереси, недоразбирање и погрешни толкувања за вклучување на списокот на претставниците на УНЕСКО на нематеријалното културно наследство. Поради оваа причина, темелното познавање на наследството, комуникацијата со носителите и разбирањето од УНЕСКО се клучни елементи за успешен упис на УНЕСКО. До декември 2018 година се вклучени четири елементи на нематеријалното културно наследство од Словенија, кои се претставени овде, рече Чекорова.