Македонија
11. February 2020 - 16:40

Измамникот кој тврдеше дека работи во ПИОМ сторил 46 кривични дела

Измамникот од Гевгелија кој лажно се претставувал како вработен во ПИОМ и убедувал граѓани дека ќе им врати заостанати пензии за нивни блиски сторил 46 кривични дела, соопшти МВР. Против него е поднесена кривична пријава, а по барање на обвинителството судот му определи 8 дневен притвор.

40 годишното лице од Гевгелија од крајот на октомври до почетокот на февруари годинава успеал да измами 16 лица, а кај други 12 направил обид за измама. Во 18 случаи извршил злоупотреба на лични податоци. Се стекнал со противправна имотна корист од околу 55.000 денари . Дел од средствата му биле давани на рака, а дел испраќани електронски или по автобус до Гевгелија.

Една од жртвите со чија помош полицијата го пронајде Гевгеличанецот за Сител сведочеше дека тој ги знаел сите податоци за нејзиниот починат сопруг. Во текот на постапката надлежните треба да дадат одговори како осомничениот успеал да дојде до податоците на осигурениците на ПИОМ.