Живот
21. September 2019 - 12:58

Јавачот и коњот треба да бидат едно, ако се плашите од него и тој ќе се плаши од вас

 И да имате преголем страв од коњ, тој веднаш ќе ви исчезне кога ќе го здогледате седумгодишното коњче Надира во коњичкиот клуб „Барвадос“, кој се наоѓа во скопско Волково. Тоа толку милно гледа, што тешко дека некој може да издржи, а да не ја пружи раката да го погали. Таков беше впечатокот кога го посетивме овој коњички клуб, скриен зад последните куќи во Волково, веднаш до луксузниот комплекс Верина.

– Некој да ни кажеше дека коњ може да оддава толку емоции низ очите, немаше да му верувавме, ѝ велиме на Љупка Аврамовиќ, претседателка на здружението „Барвадос“, во чија сопственост е клубот, која ни се приближуваше.

– Коњите се посебни. Тие го чувствуваат тоа што и вие го чувствувате. Ако сте нервозни, и тие ќе бидат нервозни. Коњот не можете да го излажете ако не сте смирени. Ако човекот е со недоверба кон него, и тој ќе возврати со недоверба. Јавачот и коњот треба да бидат едно, ни објаснува Љупка, која нè покани да го разгледаме клубот.

Теренот беше празен. Коњите беа во пансионите. Одмораа. Сè уште не беше дојдено времето за јавање. Ги има различни, околу 10 видови раси.

– Во принцип, јаваме доцна попладне кога е топло, оти на горештините би било малтретирање и за коњите и за нас, затоа ставивме и рефлектори за да ни биде пријатно. А тоа беше и идејата кога го формиравме клубот, јавањето да ни биде уживање. Да ни биде убаво на сите. Летно време јаваме по заоѓањето на сонцето, а зимно јаваме денски. Викенд јаваме од сабајле. По работа, гледаме да стигнеме додека уште има дневна светлина. И да нема светлина, ги вклучуваме рефлекторите. Но, битно е да не е многу ладно, да нема силен дожд. Инаку не е никаков проблем и зимно време за јавање, ни објаснува Љупка.

Таа ни го покажа нејзиниот коњ Барвадос, по кого е наречен клубот. Преубав темнокафен коњ. Тој е и главна ѕвезда во спотот на групата „Некс тајм“ за песната „Ја излези, Ѓурѓо“.

– Колку и да сум нервозна, да сум имала многу напорен работен ден, по 10 минути јавање коњ сè ми поминува. Заборавам на сè, ни вели Љупка.

Меѓу пансионите за коњи, на неколку маси седеа членови и гости на клубот, кои гласно разговараа, се смееја, нè поздравија со рацете. Овде владее некоја домашна атмосфера. „Барвадос“ важи за најотворен коњички клуб во Скопје.

Седнавме на последните маси. Имаше околу 10 луѓе, кои направија место и за нас. Не успеавме со сите да поразговараме оти кога видоа дека снимаме почнаа еден по еден да го напуштаат местото за да може во мир да го направиме разговорот.

Во клубот редовни се околу 30 луѓе, а за кратко време тој ќе добие уште еден член, оти нашата домаќинка Љупка е во блажена состојба.

– Среќна сум поради тоа што моето дете од самиот старт ќе расте во здрава средина и ќе научи убави нешта. Децата кои доаѓаат тука стекнуваат здрави навики. Живеат здрав живот, јаваат, се дружат, спортуваат, не се цело време пред компјутер и телефон. Се грижат за животните, се учат на некаков ред. Тоа е супер. Токму тоа размислувам во последно време, ни вели Љупка, погледнувајќи кон нејзиниот стомак.

Додека разговаравме со Љупка, околу нас се собраа кучиња. Претходно, нивен дом бил „Вардариште“, а љубителите на животни од „Барвадос“ ги згрижиле во дворот на клубот, кој е многу простран и има место и за сите.

„Бравадос“ е доста посетуван од странци. Во развиените држави, јавањето коњ е дел од нивната култура. Во Англија, јавањето за децата е како да одите на пливање, на фудбал. Кралицата Елизабета на 93 години уште јава коњ.

– Кај нас дури сега може да се каже дека заживува овој спорт, ни вели Љупка.

Таа има идеја да ја развие хипотерапијата, која е особено добра за деца со посебни потреби. Иако, како што вели, кај нас луѓето се скептични за овој вид терапија, таа верува дека тој позитивен тренд во светот ќе дојде и кај нас. Хипотерапијата има исклучително дејство врз пациенти со церебрална парализа, мултиплекс склероза, Даунов синдром, аутизам.

По долгиот разговор со Љупка, се упативме кон теренот. Кога минувавме низ пансионите за коњи, не ја пропуштивме можноста уште еднаш да ја погалиме Недира.

Потребна е преголема љубов кон коњите за да работите со нив

На теренот веќе нè чекаше тренерот Бобан Томевски. Сонцето веќе беше одамна зајдено. Се вклучија рефлекторите.

– Кога е жешко, јавањето коњи се одвива само ноќе, ни вели Боби.

– Денски ги ладиме, ги капеме, ги освежуваме и само навечер ги рашетуваме. Не правиме интензивни тренинзи кога е жешко, објаснува тој.

Боби се занимава со овој спорт веќе 30 години. Љубовта кон коњите му се јавила кога одел кај дедо му во село на летен распуст. Дедо му имал неколку коњи, едни му служеле за земјоделство, а други за јавање. Споменот на Боби нè врати години наназад кога имаше многу коњи во Македонија, особено во селата. Луѓето со нивна помош работеа на поле. Беа и превозно средство. Всушност, врската меѓу луѓето и коњите е многу стара. Според некои податоци, таа е од пред 6.000 години, а може и повеќе. Но, со развојот на технологијата, примената на коњот е изменета. Тој сега, барем во помодерниот свет, се користи исклучиво за спорт.

– Овој спорт, на моја голема радост, почнува да заживува кај нас. Се отвораат сè повеќе клубови, се зголемува членството и се внесуваат нови грла во државата, вели Боби.

Во клубот има 21 грло. Сите имаат сопственици. Тука ги чуваат коњите, ги одржуваат, а Боби ги тренира.

– Ги користиме и за шетање туристи. Ние сме најотворениот клуб. Кај нас може да дојде секој, објаснува тој.

Боби минал долг пат за да стане тренер. Вели, не му било толку тешко, туку таа професија бара многу. Треба и голема љубов кон коњите и кон децата.

– Но, задоволство е кога ќе постигнеш некој резултат, без разлика дали е тој спортски или се работи за напредок кај лице со посебни потреби, вели Боби. Тој досега работел со три дечиња со посебни потреби.

Еден рекреативен час чини 1.000 денари

„Барвадос“ има двајца тренери. Марија е инструктор за почетници, а Боби го води спортскиот дел. Цената за еден час е околу 1.000 денари.

– Во таа цена влегуваат опрема за јавање, коњ и тренер. Има многу работа додека се среди некој коњ, за потоа да дојде некој и да му одржите час, објаснува Боби.

Клубот има и пакети. На пример, месечно чини околу 6.000 денари.

Марија Мохр е гордоста на клубот. Таа постигнала многу успеси. За најголем успех си го смета 14-то место на Балканијада, оти таму конкуренцијата е голема, доаѓаат јавачи од цел Балкан. Во нашата држава е неколкукратна шампионка.

Нејзе љубовта кон коњите ѝ ја пренел нејзиниот татко Аким Франц Мохр, кој е Германец и кога дошол во Скопје, донел четири коњи за каубојско јавање. Но, тука таквото јавање не е развиено. Освен Марија, и нејзината сестра Кристин се натпреварува во овој спорт. Само мајка им не се занимава професионално со коњите, ни раскажува Марија.

– Со коњите сум од пет-шест години. Имам многу успеси. Првите успеси ми се на 10-годишна возраст. Кај нас сум повеќекратен шампион. Сум учествувала на натпревари во Србија и во Бугарија. Балканијадата ми е најголем успех. Имам освоено прво место во Нови Сад и во Белград второ, ни кажува Марија.

Таа вели дека за да се стигне до натпревар, треба многу труд. Марија има два коња. Недира, седумгодишниот коњ што го запознавме, е нејзин.

– Едниот го имам од бебе. Другиот 10 години, ни вели Марија.

Клубот редовно има 15 члена, а рекреативно се многу повеќе јавачи.

– Препорачлива возраст за јавање е седум години. Не е толку лесно како што велат „како велосипед да возиш“. Кога ме гледаат мене, изгледа стабилно, лесно. Но, воопшто не е така. При јавањето се активираат мускули на нозете што не се активираат со ниту еден друг спорт. Ако се оптовариш, ќе те болат нозете, вели таа.

На Марија ѝ ја кажавме нашата желба дека би се обиделе да седнеме на коњ само на Недира, која толку нè освои со нејзината милост. Но, Недира сè уште не е, како што велат јавачите, „заседлана“. Ќе ја почекаме. Со неа ни се чини ќе биде полесно. И како што рече Љупка, коњите го чувствуваат тоа што и човекот. Ако се плашите, и тие ќе се плашат. Ова не го знаевме пред да дојдеме во клубот.

Додека го привршуваме муабетот со Марија, јавачите веќе беа подготвени за тренинг. Застанати со коњите еден до друг потсетуваа на вестерн-филмовите. А еден од тие филмови го носи истото име како и клубот – Барвадос.

Се поздравивме со членовите и ги оставивме да уживаат во ноќното јавање. Со задоволство ја прифативме нивната покана повторно да ги посетиме. Дотогаш седумгодишното коњче Недира сигурно ќе биде подготвено за нас. Убаво е човек барем еднаш во животот да се качи на коњ.

Ирена Радовановиќ/МИА