Бизнис
3. November 2017 - 15:40

Јавните претпријатија од секторот вода имаат потреба од зголемување на цената на водата

До 1 јануари 2018 година Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе додели 75 решенија за Јавните комунални претпријатија за утврдување на цената на водата . Според РКЕ, поголем дел од општините имаат потреба од зголемување на цената на водата.

Ова денеска го соопшти претседателот на РКЕ Димитар Петров на завршната конференција на проектот финансиран од ЕУ „Реформа во секторот вода на централно ниво", на кој информираше дека веќе се донесени Правилникот за начинот и постапката за утврдување на цените на водните услуги и Регулаторната тарифа и методологијата за надлежностите, согласно Законот за утврдување на цените.

- Во моментов се работи на утврдување на пресметките за четири тарифи. Тоа се тарифи за сурова вода за водоснабдување за пиење, за снабдување со вода за пиење, собирање и одведување отпадни води и тарифа за прочистување на оптадните води. Во периодот до средината на наредниот месец се надеваме дека ќе ги донесеме решенијата за сите компании кои учествуваат во процесот на утврдување на цените, согласно законот тоа се сите јавни комунални претпријатија кои снабдуваат со вода во региони со над 10.000 жители и компаниите кои доставуваат сурова вода за водоснабдување на ЈКП, истакна Петров

Појасни дека, од решенијата, седум се однесуваат за претпријатијата за сурова вода, 29 се за снабдување за вода за пиење, 26 се за собирање и одведување отпадни води и 13 за пречистување на отпадните води. Спред него, во рамките на методолигијата биле утврдени и процентот на прагот на достапност, соодветно на регионот каде што се доставува дејноста, а решенијата кои ќе бидат издадени се со минималната и максималната цена.

- Одлуката за цената е од страна на основачите на Јавните комунални претпријатија, а тоа се советите и градоначалникот на општината, нагласи Петров и додаде дека само мал дел од претпријатијата ќе ја надмината максималната цена која ја одредила Регулаторната комисија.

Јадранка Иванова од Министерството за животна средина и просторно планирање рече дека Конференцијата за реформа во секторот води е со цел да им се помогне на јавните претпријатија во спроведувањето на Законот за утврдување на цени за водни услуги.

Во проектот активностите се фокусирани на широк спектар на теми поврзани со секторот вода, вклучувајќи процес на подготовка и упатство за спроведување на ревидираната методологија за тарифа за вода до регулаторниот орган кој е назначен со нова одговорност во секторот вода. Според организаторите, проектот ќе овозможи да се воспостави систем за поврат на трошоците во секторот води преку поддршка на Националната студија за тарифи за вода и ревидирана политика за тарифи за вода.