Свет
29. May 2016 - 9:18

Јелен: Американските федерални резерви ќе ја зголемат каматата во следните неколку месеци

Директорот  на американската Управа за федерални резерви Џенет Јелен синоќа потврди дека американската централна банка планира во следните месеци постепено да ја затегне својата фискална политика, подготвувајќи ги пазарите за кревање на каматите, веројатно уште од јуни, пренесуваат француските медиуми.

Јелен, цитирана од светските агенции, во говор на универзитетот Харвард, изјави дека во следните месеци ќе биде преземен чекор за зголемување на каматните проценти, доколку економијата продолжи да се подобрува.

Гувернерката на Американската Централна банка забележа дека иако економскиот раст на крајот од минатата година и на почетокот на оваа споредбено бил слаб, сега, се чини, тој се забрзува.

Таа, освен тоа, очекува пазарот на трудот да продолжи да се подобрува, а инфлацијата ќе се покачува кон целните два процента.

Затоа, наведува таа, би било умесно во следните месеци да има зголемување на каматите.

Јелен уште еднаш потенцираше дека Федералните резерви „постепено и претпазливо“ ќе одат кон повисоки камати.

Следното заседание за фискалната политика на американската Централна банка е закажано за 14-15 јуни.