Македонија
6. May 2016 - 18:07

Јолевски: Македонија е партнер од доверба на НАТО

Република Македонија е партнер од доверба кој ги исполни сите критериуми да биде дел од НАТО и од Европската унија. Вложивме и големи напори да обезбедиме хумани услови за мигрантите и нивен транзит низ нашата земја, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски во обраќањето на меѓународниот форум „To Be Secure“ што денеска и утре се одржува во Будва, Црна Гора.

Јолевски го поздрави договорот помеѓу Европската унија и Турција за мигрантската криза и повика на создавање на сеопфатна стратегија која ќе ги опфати не само членките на Унијата, туку и земјите засегнати од оваа голема криза, меѓу кои и Македонија, Турција, но и онаму каде се создава кризата, во Сирија и Ирак.

- Оваа криза ги надмина и најпесимистичките предвидувања. Токму затоа постои потреба земјите долж Балканската рута да бидат слушнати. Треба да имаме предвид дека Македонија ја штити Шенген зоната и затоа соработката и изнаоѓањето решенија мора да ги вклучи сите земји кои се засегнати, додаде Јолевски на панелот посветен на заштитата на границите и мигрантската криза.

На маргините на форумот, Јолевски оствари одвоени билатерални средби со министерот за одбрана на Црна Гора, Милица Пејановиќ – Ѓуришиќ и со заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Шуаи Алпаи. Покрај тоа, имаше кратки средби и со претседателката на Хрватска, Колинда Грабер Китаровиќ и со заменик-генералниот секретар на НАТО, Александар Вершбоу.

Министерот Јолевски, информираат од неговиот Кабинет, на средбите посочи дека Македонија останува посветена на нејзината евроатлантска иднина, за што е подготвена уште од 2008 година.

- На средбите со министерката Пејановиќ-Ѓуришиќ и заменик министерот Алпаи, Јолевски истакна и дека од двете земји, на претстојниот самит на Алијансата во Варшава очекува силна поддршка за членство на Македонија во НАТО. Воедно на средбите стана збор за потребата од поблиска соработка во однос на предизвиците од мигрантската криза, а беа потврдени и одличните односи на Република Македонија со Турција, односно Црна Гора, соопшти МО.