Македонија
25. February 2016 - 12:03

Јолевски-Пендеш: Учиме едни од други за борбата против тероризмот

Република Македонија и Босна и Херцеговина заслужуваат да бидат членки на НАТО и на ЕУ, заеднички заклучија на денешната средба министрите за одбрана Зоран Јолевски и Марина Пендеш, која се наоѓа во посета на македонското МО.

Јолевски и Пендеш утврдиле дека е широка лепезата можности за билатералната соработка  меѓу министерствата за одбрана на РМ и на БиХ, земајќи ги предвид проблемиte како политички така и сигурносни, со кои се соочуваат двете земји.

- Борбата против корупцијата, против организираниот криминал, против ИД, тоа се само некои од безбедносни предизвици и ризици со кои се соочуваме, изјави министерката Пендеш.

Таа оцени дека постоечката добра соработка може да се продлабочи и преку заедничките настапи на регионалните форуми како што се А5, Б9 и СЕДМ процесот, кои можат значајно да придонесат двете земји, БиХ да го активира МАП процесот, а Македонија да стане членка на НАТО.

На прашањето дали Македонија може да учи од БиХ за борбата против тероризмот, министерката Пендеш децидна дека заеднички може да учиме едни од други, да разменуваме одредени искуства за борбата против тероризмот, тоа ни е целта. Тоа е богатството што го имаат овие две земји, подвлече, добро се разбираме, немаме отворени прашања.

- Тероризмот не е врзан за држава, ниту за регионот, тоа е глобален и светски проблем и во таа смисла многу е важна нашата комуникација и заеднички одговор, бидејќи некогаш можеби разменувајќи одредени информации би можеле да превенираме одредени терористички активности, изјави министерката Пендеш.

Одговарајќи на новинарско прашање дали мигрантската криза може да има негативни последици за стабилноста на регионот,таа истакна дека тоа е нешто што ја надминува одговорноста и можноста за реакција на државите кои не се членки ниту на НАТО, ниту на ЕУ. 

- Важно е да се занимаваме со причините, а не со последиците и крајно време е, а ние секако ќе помогниме, да занимаваме со причината, а тоа е се знае што, порача Пендеш.

Јолевски потсети дека ЕУ ќе упати одреден број полицајци на макеоднската јужна граница за помош во справуање со предивиците со мигрантите.

- Одреден број мои колеги, министри за одбрана, кога зборуваат за помош на РМ, главно мислат на материјално техничка помош, на опрема што и е потребна на АРМ за да ги извршува своите задачи на границата во поддршка на МВР, појасни Јолевски.

На прашањето дали Македонија ќе го зајакне армиското присуство на македонско-грчката граница, Јолевски потсети дека по владината одлука за прогласување кризна состојба на јужната и северната граница, АРМ упати единици на Гевгелија.

- Бројот на војници зависи од проценките и потребите  на ситуацијата. Но, како МО и АРМ будно го следиме развојот на настаните, приливот на мигранти од југ, меѓутоа и како тие се движат кон север. Врз основа на тоа правиме проценки колку војници и офицери ни се потребни на нашата раница. Во овој момент на нашата јужна граница имаме околу 200 војници, а во зависност од потребите тој број може да се зголеми, но предвидено е да се ангажираат до 1000 војници доколку има потреба, рече министерот за одбрана Јолевски.

Министерката Пендеш на прашањето дали БиХ учествува во заштитата на макеоднско-грчката граница, одговори дека не учествува затоа што нема никаква спогодба, обврска, ниту пак барање. Но, како што рече, со оглд на тоа што БиХ во септември минатата година потпиша спогодба со ЕУ за заедничко учество во одговор на одредени кризни ситуации, ако има потреба ќе треба да се преговара со ЕУ.

Делегацијата од БиХ, предводена од министерката Пендеш, денеска ќе го посети Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Како што е најавено, министерката Пендеш денеска во Меморијалниот центар - Фондација Никола Кљусев ќе одржи предавање на тема „Интеграција на БиХ во ЕУ и НАТО“.