Македонија
7. November 2015 - 16:47

Кадровските решенија на заев ја вжештија атмосверата во СДСМ. Ц.О. поминал во поделби

Централниот одбор синоќа им даде едногласна подршка на новите министри и заменици во Владата. Вака стои во соопштението на СДСМ. Но нема одговор на информациите за сериозните поделби и кавги во партијата околу кадровските решенија на Зоран Заев. Како што пренесува Прес24 од  извори на Бихачка, на седницата не присуствувале повеќе од една третина од членовите меѓу кои поранешни пратеници и видни членови на СДСМ. Поранешната пратеничка од Битола Весна Бендевска преку писмо го образложила своето отсуство. Ги обвинила Зоран Заев и Радмила Шекеринска дека директно го кршат Статутот на СДСМ, ги понижуваат органите на партијата, ја гушат демократијата, со тоа што според неа ниту една одлука поврзана со преговарачкиот процес и кадровските решенија, претходно не е одобрен низ вообичаените партиски процедури.

Уште една потврда за незадоволството во СДСМ, како што пишува прес 24 е отсуството на заменик претседателот Радмила Шекеринска, на која се почесто и се случува да ја нема на клучни седници на партиските органи, обидувајќи се да се амнестира од сопствената одговорност за неповолниот исход од преговорите. Според изворите од партијата, тоа се должи на фактот што меѓу новите министри и заменици ги нема нејзините фаворити.

Единствената утешна компензација, која може да го ублажи отсуството на кадровскиот потпис на Шекеринска во министерскиот кампус, е назначувањето на нејзиниот пулен Дамјан Манчевски за шеф на изборниот штаб на партијата.

Нервоза од предложените кадровски решенија, според партиски извори имало и кај  Максим Димитриевски, актуелниот претседавач со Советот во Општина Куманово, сметал дека тој, исто како и неговиот сограѓанин Оливер Спасовски, требало да стане министер.

Ист бил и случајот со професорката Татјана Прентовиќ, која заедно со поранешната новинарка од А1 телевизија и пратеничка, Ленче Николовска, до последен момент биле кандидатките на Заев за дополнителното заменичко место во министерството за земјоделие. Димитриевски и Прентовиќ, во знак на револт ја напуштиле вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, за да го избегнат гласањето за кадровските решенија. Незадоволство имало и за кандидирањето на Фросина Ременски за министер за труд и социјална политика, на која не можело да и се заборави што била потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров, и како увезен кадар многу лесно и брзо се искачила на највисоките партиски скалила.

Истовремено, претседателот на СДСМ, Зоран Заев се обидувал да ги намали очекувањата на членството, кое сметало дека сега е моментот да се вработи или да добие по некој тендер во министерствата каде СДСМ ќе има свои кадри, бидејќи јавно се говорело дека партијата не е приватна фирма на лидерот и неговите најблиски соработници, па само тие да ги уживаат привилегиите од влезот во Владата на ВМРО ДПМНЕ.