Балкан
24. May 2020 - 11:59

Кафулињата и рестораните во Грција се подготвуваат за утрешниот нов почеток

Угостителските објекти и кафулињата во Грција, под конкретни правила и прописи, утре, една седмица порано од почетниот план ќе ги отворат за гостите надворешните делови и летните тераси.

Дописничката од Атина посети неколку населби во пресрет на „утрешниот нов почеток“, а сликата е речиси секаде идентична: сопствениците, работниците, вработените, максимално и со полна пареа, го користат викендов за сѐ да биде подготвено, да се запази потребното растојание меѓу масите, да се дезинфицира и да се исчисти просторот.

Велат дека ќе бидат целосно подготвени за утре, но се воздржани во однос на тоа дали ќе имаат гости.

„Тисио“ е населба под Акропол, на помалку од два километри од центарот на Атина и една од популарните туристички локации со голем избор на кафулиња и ресторани.  Со оглед на тоа дека туристите се и главните гости, сопствениците изразуваат и мала загриженост за тоа дали ќе имаат работа.

Панделис Пападопулос е сопственик на ресторан, додека пак Јанис Цанис има кафуле. Се наоѓаат во непосредна близина и секој со свои сили се обидува надворешните тераси да ги адаптира согласно новите стандарди.

-Ќе имаме многу помал број маси, бидејќи растојанието е големо. Но, тоа не е проблем. Паниката на некои сопственици за тоа колку маси ќе имаме не е логична. Да отвориме прво, да видиме како ќе оди, бидејќи постои и веројатноста да немаме работа. Ние повеќе работиме со туристи. Сега за сега треба да ја следиме логиката, да ги наполниме овие маси што ги имаме, па потоа ќе видиме што понатаму, вели сопственикот на ресторанот додека неколку работници ги чистат и дезинфицираат масите и столчињата.

Сопственикот на кафулето во непосредна близина, вели дека ќе имаат за една третина помалку маси од претходно, но потенцира дека акцентот го ставаат на хигиената на просторот, односно чистењето, дезинфекцијата на одредени предмети како и на обуката на персоналот.

-Во изминатите 15 дена целиот персонал следеше специјална обука во зависност од нивната работа. Односно, оние кои работат на прием на стока знаат како правилно и безбедно треба да оди овој процес. Истото важи и за оние кои работат во кујната, а и за келнерите. Како да ги собираат и носат порачките на масите, како потоа правилно да се измијат и исчистат предметите за да можат одново да се користат. Тоа е цел процес и не е лесен, објаснува Цанис.

Освен делот поврзан со хигиената и безбедноста како на персоналот, така и на гостите, сопствениците овие денови се со метро в рака. Го мерат растојанието меѓу масите.

Во зависност од бројот и распоредот на столици треба да бидат на раздалеченост од 70 сантиметри, еден метар и десет сантиметри или еден метар и 70 сантиметри, додека пак на една маса дозволено е да има најмногу шест лица. Вработените, задолжително мора да носат маска.

Земајќи ги предвид вонредните околности и посебните стандарди за работа, на кафулињата и угостителските објекти ќе им се ослободи и дополнителен простор за поставување маси, онаму каде што нема да претставуваат пречка, а на општините нема да треба да им плаќаат дополнителна такса.

Некои од сопствениците велат дека ова за нив не значи повеќе маси од претходно, туку ист број маси, но само на поголем простор. Други пак, кои немаат можност да се прошират, ќе имаат дури и за 50 отсто помал број на маси.

Таков е случајот и со неколку бар –ресторани кои се наоѓаат на тераси во населбата „Монастираки“, со поглед кон Акропол, уште една популарна локација, не само за туристите, туку и за Грците.

Димитрис Кокодас е сопственик на едно такво кафуле. Вели дека првиот чекор е мерење на растојанието меѓу масите.

-Ќе имаме речиси половина помалку маси од претходно, бидејќи растојанието меѓу две маси треба да биде 70 сантиметри, но ако постои стол поставен кон другата маса, тогаш растојанието се зголемува на еден метар и 70 сантиметри, објаснува Кокодас.

Голем дел од кафулињата во Грција, по укинувањето на забраната за движење, отворија, но само за кафе за носење, без маси и можност за седење.

Во повеќе атински населби, но и во Солун, во изминатиот период, дел од кафулињата, освен кафе за носење, во вечерните часови, продаваат и коктели и алкохолни пијалаци, па така младите, без да внимаваат на растојанието, без маски и како воопшто да нема пандемија, најдоа нов начин за „забава“ со собирање на улиците, плоштадите и пред кафулињата.

Атина се врати во „новата нормалност“

Прошетка во строгиот центар на грчкиот главен град, особено во делот каде што се продавниците, како што јавува дописничката на МИА од Атина, според раздвиженоста на граѓаните, потсетува на еден обичен пролетен ден пред пандемијата.

Единствената разлика се редиците пред продавниците поради ограничениот дозволен број на купувачи и антисептикот на вратата. Со оглед на тоа дека маските не се задолжителни за муштериите, мал е бројот на оние кои носат.

Грците, се чини дека 20 дена по укинувањето на забраната за движење веќе се вратија во (новата) нормала, некои со поголема некои со помала претпазливост поради „невидливиот непријател“ кој сѐ уште е присутен во земјата.

Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Грција, од почетокот на епидемијата, заклучно со вчера регистрирани се вкупно 2.876 случаи на Ковид-19, 46,35 отсто се сѐ уште активни, 47,77 проценти оздравеле, а почина 171 лице. Досега биле направени 152.998 тестови.