Бизнис
8. August 2021 - 20:10

Како и кој ќе контролира дали во некој угостителски објект има невакцинирани гости

Пазарниот инпекторат чека инструкции како ќе го контролираат спроведувањето на  новите мерки. Од таму велат дека допрва ќе се утврдува на кој начин инспекторите ќе ги контролираат редарските служби дали направиле проверка на гостите дали имаат вакцинален сертификат, како и висината на глобите за оние кои пуштиле невакцинирани посетители.

Од инспекторатот признаваат дека немаат капацитет да ги контролираат сите угостителски објекти бидејќи имаат само 180 инспектори на ниво на цела држава. Но фокус при контролите ќе стават на поголемите прослави. Најголем дел од нивните инспектори се вакцинирани. Освен оние кои го имаат прележано вирусот.

Министерот Бектеши пак денеска се сретна со дел од угостителите во Тетово. Вели дека нивните реакции за новите мерки се позитивни и очекува сите да ги почитуваат новите протоколи.

- Не зборуваме само за угостителски објкети кои организират само свадби и веселби, туку зборуваме и за ноќни барови, и за кафулиња кои организираат настани. Сите треба да ги почитуваат протоколите затоа што никогаш не може да се знае каде ќе има ново жариште, изјави Бектеши по средбата. Затоа, додаде, убеден сум дека преку вакви заеднички состаноци ќе придонесеме на поттикнување на вакцинација на нашите граѓани затоа што од 16 август ќе можат да одат во угостителски објекти само граѓани кои ќе бидат вакцинирани и на тој начин сакаме да се вратиме во нормала, рече Крешник Бектеши.

Казните за оние кои нема да ја почитуваат забраната за работа на затворено после 16ти август се движат од 2 500 до 30 000 евра во зависност од големината на објектот.