Бизнис
18. March 2020 - 16:37

Како симболични, недоволни и селективни бизнис секторот ги оцени мерките на Владата

Бизнис секторот не е задоволен од помошта која ја понуди владата. Бараат да се прошири сетот економски мерки за справување со последиците од кризата предизвикана од вирусот корона. Од Сојузот на стопански комори велат дека државата мора на дневно ниво да ги следи состојбите во економијата, бидејќи компаниите секојдневно трупаат обврски, а многу работни позиции се загрозени.

Експертите, исто како и стопанствениците, сметаат дека најголем проблем е неизвесноста колку долго ќе трае оваа криза.

Од најголемата опозициска партија сметаат дека секој ден без помош значи банкрот за компаниите, бидејќи тие во моментов се беспомошни, а веќе имало отпуштени работници.

“Помошта од кредитната линија од 5 милиони евра на владата во услови кога се губат 110 милиони евра, каде што нема за плати и придонеси, се затвораат фирми, не само што не е доволна, туку и смешна и навредлива. Потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот. Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот. Државата да ги ослободи компаниите од трошоците за придонеси за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот”, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на владејачката партија, пак, верува дека успешно ќе се справат со економската, како што се справуваат и со здравствената криза.

“Ќе повлечеме ефтини кредити, како сите држави, колку што ќе може да се враќаат.. мора да има пари за здравје, социјални трансфери и пензии....Ако ги укинете давачките не значи дека лужето ќе имаат повеќе пари, па ќе трошат, бидејќи се загрижени за безбедноста и здравјето, а допрва државата ќе развива економски мерки и ќе мора да помагаме во текот на целата криза...”, вели Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Бизнисот, експертите и власта се со идентични очекувањата, дека пикот на економската криза допрва ќе се случи, ќе расте, а последиците ќе бидат големи.