Македонија
1. May 2020 - 19:42

Како текстилците го поминуваат Денот на трудот

Штипските конфекционери го празнуваат 1-ви Мај, но тоа не е случај во Виница и Делчево, информира Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Утринава дознале дека неколку конфекции во овие два града го искористиле делот на Законот за работни односи со кој се дозволува работа на празник, но треба да се пријави во Трудовиот инспекторат.

„Ќе провериме во понеделник дали е пријавено соодветно и соодветно да си биде платено, согласно Законот за работни односи и работа за време на празник“, изјави Кристина Ампева, „Гласен Текстилец“-Штип.

За разлика од месец март, во април не се евидентирани откази од работни места, а синдикатот и инспекторатот се фокусираа на тоа дали се почитуваат мерките за безбедност и заштита при работа, превозот на работниците, исплатата на плати и прекувремената работа.

„Таму каде што нема исплатено минимална плата, инспекторатот за труд соодветно реагира. Исто така е реагирано и во однос на прекувремена работа. Во Делчево имавме случај, каде инспекторатот наложи да се работи 8 часовно работно време, да не помислува работодавачот да работи 10 часовно работно време“, додаде Ампева.

Во договор со Владата, усогласени се и правата кои ги имаат мајките на деца под 10 години, хронично болните лица и трудниците кои се опфатени од времените мерки.

„Иако биле отсутни од работа, тоа се смета за оправдано отсуство, конкретно за овие категории на граѓани и ги следува минимална плата“,вели Ампева.

Поради вонредната состојба и забраната за движење, годинава синдикалните организации денот на трудот го одбележуваат со видео обраќања до нивните членства.