Македонија
27. December 2017 - 16:09

Каменос против решение на спорот кое ќе го содржи зборот „Македонија“

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој е и лидер на АНЕЛ, главниот коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас, денеска го повтори својот став дека се противи на решение на спорот за името кое ќе го содржи зборот Македонија и нема да поддржи евентуално такво решение во грчкиот Парламент.

- Нашата позиција останува да бидеме против употребата на изразот „Македонија“, изјави Каменос. Тој го повика претседателот Прокопис Павлопулос да ги свика сите лидери на политичките партии за да дискутираат за спорот за името со Македонија, јави Катимерини.

На денешната прес конференција, Каменос додаде дека неговиот став не треба да се сфати како критика на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, за кого Каменос рече дека е „најдобриот министер за надворешни работи што Грција го имала“.

Националистичката партија АНЕЛ има девет пратеници во грчкиот Парламент, и со нејзина помош влада на Ципрас има мнозинство од 153 пратеници во Парламентот со вкупно 300 членови.

Киријакос Мицотакис, лидерот на опозициската Нова Демократија, неодамна ги повика Ципрас и Каменос да поднесат оставки поради тоа што во владата немаат единствен став по спорот за името.