Македонија
11. November 2015 - 14:28

Кампања за климатските промени во пресрет на КОП 21 во Париз

Развивање на свеста за климатските промени и промовирање на барањата на еколошкиот граѓански сектор до политичарите е целта на кампањата „Go Green for climate“ која денеска ја промовираше младинската еколошка НВО „Биди Зелен“ со подршка на Амбасадата на Франција во Македонија во пресрет на Самитот на ОН за климатски промени во Париз - КОП 21.

Антонио Јовановски, член на Управен одбор на „Биди Зелен“ појасни дека преку кампањата тие до политичарите во Македонија упатуваат шест барања за кои, како што рече, по Самитот во Париз, тие очекуваат и нивно реализирање.

- Првото барање е поврзано со законски обврзувачки договор кој што ќе воспостави план за 100 проценти обновлив енергетски систем до 2050 година и фонд за климатски промени кој ќе ги подржи земјите во развој. Второто барање е заштеда на природни ресурси и енергетска ефикасност, истакна Јовановски.

Вклучување на младите и прилагодување на образовниот систем, посочи Јовановски, е третото барање во кое младите треба да бидат активно вклучени во процесот на носење одлуки и нивно учество во создавање на мерките за адаптирање кон климатските промени. Преку четвртата точка тие бараат да се донесе законска основа преку која секое лице ќе може да произведува, троши и складира енергија со сопствени расположливи ресурси, а да може и да сади, одгледува, јаде и продава зеленчук од сопствена градина.

Во петтото барање на „Биди Зелен“ се наведува усвојување на политички стратегии кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови од превозот, а преку шестата точка тие бараат од Протоколот на ОН да ги доближи земјите да создадат механизам кој ќе овозможи регионално зајакнување, бидејќи како што се предвидува, до 2050 година ќе има околу 200 милиони еколошки бегалци.

Според амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер на конференцијата во Париз ќе се создаде алијанаса на која ке бидат разгледани сите ангажмани што државите ќе ги преземат и донесат но, како што рече, ќе се направи и притисок со цел тие да станат ефективни и обврзувачки.

Оер потсети дека Македонија е една од првите земији која ја престави својата програма на Генералниот секретар што ја води конференцијата во Париз.

- Тоа е добар документ со три можни сценарија и јасно зацртани цели во трите сектори кои се клучни за заштитата на животната средина. Тоа е секторот на превозот-транспортот, енергијата и секторот на индустријата, рече Оер.

Според неа, како што напомена, широката алијанса за клима во Париз во месеците после конференцијата ќе биде добра основа и повод да за да се дојде до конкретни мерки во, како што нагласи, едукација на населението за користење на јавен превоз, зголемување на просторот околу обновливите енергии, намалување на енергиите кои го користат јагленот..