Македонија
10. January 2021 - 16:39

Каракачанов открива дека анексот бил испратен во ноември, опозицијата бара одговори а власта најавува размена на предлози

Бугарскиот анекс на договорот за добрососедество не е нов за македонските власти. Бурарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов за Сител вели дека овие документи им се предадени на министерот Османи и вицепремиерот Димитров уште пред речиси два месеци.

„12-те точки и анексот Димитров и Османи го имаат уште во ноември, но Димитров воопшто не сакаше да зборува за овие точки„ вели Каракачанов за анекс договорот кој Бугарија го поставува како услов за старт на преговорите. 

Иако детали од документите не се откриваат, од Министертвото за надворешни работи денеска велат дека Македонија и Бугарија редовно разменуваат мислења и идеи.

Двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија, се вели во писменото соопштени од МНР.

Министерот Османи во интервју за радио Слободна Европа потврдува дека идентитетските прашања се ставени на маса, но за нив македонската страна не преговара. Сепак потенцира дека се бараат креативни решенија кои ќе бидат прифатливи за двете страни. 

Според опозициската партија, Каракачанов вчера го потврди тоа што нивниот лидер го зборува веќе еден месец. ВМРО-ДПМНЕ бара власта да ги објави деталите од анекс договорот.

И македонската и бугарската страна вчера потврдија дека разговорите продолжуваат веќе од утре, за кога е планирана нова посета на Бучковски на Софија и средби со бугарскиот државен врв.