Македонија
15. November 2021 - 16:44

Кастриот Реџепи се појави со полициско обезбедување, власта и опозицијата се уште бараат мнозинство

Јас сум пратеник на Беса и потпретседател на партијата и сè додека не се промени мојот статус ќе дејствувам така. Беса не е надвор од Владата бидејќи за тоа нема одлука на партиските тела...Со овие зборови пратеникот Кастриот Реџепи, откако ја продлабочи политичката криза во парламентот со тоа што не дојде на седницата за недоверба на владата на Заев, се појави во Собранието.

Реџепи се движи со лично обезбедување доделено од полицијата кое го добил поради смс пораки што содржеле закани по неговиот живот. Но, пратеникот не сакаше да открие од кого се овие пораки.  Одлуката да ја смени страната вели ја донел свесно и самоволно.

Од БЕСА не сакаат да го коментираат нивниот доскорешен сопартиец. Велат дека одлука за исклучување има и таа наскоро ќе биде потврдена. Двајцата пратеници на Касами и денеска потврдуваат дека остануваат да дејствуваат како опозиција.

Но дури и со Реџепи во своите редови владините СДСМ и ДУИ се уште немаат мнозинство од минимум 61 пратеник. Министерката за одбрана Шеќеринска вели дека мнозинство ќе има за неколку дена.

Иако од власта велат дека Алтернатива се уште е во игра од партијата на Гаши тврдат дека до сега  понуда од Заев нема. Тие чекаат премиерот јавно да ги покани за влез во новото парламентарно мнозинство, па дури потоа преку партиските тела ќе одлучуваат дали би прифатлие такво нешто.

„Сега сме опозиција и остануваме да дејствуваме како опозиција! Наводни индивидуални разговори или конткати не се покана. Сите 4 пратеници функцинираме и заедно согласно партиските одлуки дејствуваме“, дециден е еден од пратениците на Гаши.