Македонија
3. October 2022 - 19:58

Кастриот Реџепи стана дел од огнената група?

Пратеникот Кастриот Реџепи се приклучува на „огнената група“ во ДУИ. Речиси истовремено на Фејзбук на неговиот профил и профилите на пратеникот Изет Меџити и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кои се дел од групата, осамна заедничка фотографија.

Реџепи во јавноста стана познат кога не се појави на седницата за гласање на недоверба на Влада. Од тогаш дејствува како независен пратеник, но важи за близок на ДУИ. Со Реџепи „огнената група“ која е назадоволна од вицепремиерот Груби и министри на ДУИ, веќе брои тројца пратеници.

Во јавноста се зборува дека и поранешниот пратеник на Алтернатива Скендер Реџепи можно е да се приклучи на групата, но наводно тој прво побарал групата да се изјасни дали ќе дејствува внатре во ДУИ или пак, засебно.

Меџити и Беџети веќе имаа состаноци со партискиот лидер Ахмети за помирување, но без успех. Се зборува и за нова утрешна средба на Ахмети со незадоволниот Муса Џафери .

Ако „огнената група“ се искачи на 4 пратници, тогаш владејачкото мнозинство комплетно ќе зависи од неа бидејки сега тоа брои 64 пратеника, а за одржување на владиниот кабиент потребни се најмалку 61.

Во таков случај, велат упатените, Ковачевски поддршката на „огнената група“ ќе треба да ја обезбеди преку реконструкција, односно промени во министерските позиции на интегративците.

Вицепремиерот Груби, денеска не сакаше да го коментира преминувањето на Реџепи, но потенцираше дека добро е парламентанрото мнозинство да е стабилно за Владата да реализира прокети. Вели дека за негова смена или смена на други министри си одлучуваат партиските лидери.

Поради превирањата кај пратеничката група на Ахмети, неофицијално трпи и изборот на Пенов за нов министер за локална самоуправа. Премиерот Ковачевски и понатаму вели дека изборот на Пенов ќе биде единствена промена во неговиот кабинет.