Свет
3. November 2016 - 0:04

Кенија ги повлече своите мировници од Јужен Судан по смената на нивниот командант

Кенија соопшти дека го повлекува својот воен контингент од составот на мировните сили на ОН во Јужен Судан, откако генералниот секретар на ОН го смени кенискиот командант на „сините шлемови“, денеска информира Министерството за надворешни работи во Најроби, цитирано од американските медиуми.

Бан Ки-мун вчера од должноста го отстрани генерал Џонсон Ондиеки по објавувањето на резултатите од независната истрага, што остро ја критикува реакцијата на мировниците во крвавите напади во јули врз кампот на ОН во Џуба, главниот град на Јужен Судан, во кој беа сместени 27. 000 внатрешно раселени лица. 

Во изваштајот уште се посочува дека „сините шлемови“ не одговориле на повиците за помош додека јужносудански војници беснееле во соседниот хотелски комплекс, популарен меѓу странците. Во текот на неколкуте часа војниците тепале и силувале странци кои живееле во комплексот и убиле еден локален новинар. Сето тоа, според истрагата, било резултат на неефикасното раководство на мисијата, кое не дозволило мирното населние да биде заштитено во екот на насилството во Џуба.

Кенија во мировната мисија во Јужен Судан учествува со над 1.000 војници. Таа имаше ветено дека дополнително ќе испрати уште 4.000 „сини шлемови“, но тоа засега не се реализира поради  несогласувањето на некои владини службеници во Јужен Судан.

Со денешната одлука Кенија, исто така, ја информира јавноста дека „се откажува од секакви планови за учество во регионалните сили за заштита на мирните жители, кои веќе се одобрени од Советот за безбедност на ОН“.

Според кениското МНР, смената на генерал Ондиеки била извршена „нетранспарентно“, а вината за нереагирањето на суданската мировна мисија е на одделот на ОН за овие операции.